Историската сезона за ракометарите на Охрид по пласманот во полуфиналето на Европскиот куп ја надополни триумфот над Еурофарм Пелистер од 27:26 среде Битола, со кој му се придружи на второто место во Суперлигата!
Со изненадувањето во салата „Боро Чурлевски“, трката за титулата практично е решена, иако до крајот од разигрувањето има уште шест кола, бидејќи лидерот Вардар има осум бода повеќе од пелистерци и од охриѓани.
Огромна радост на гостите им донесе бекот Тилен Стрмљан со голот во последната секунда, со кој го круниса пресвртот по водството на домаќинот од 26:25.
Токму Стрмљан беше најефикасен во победничкиот тим со пет гола, еден помалку од Дејан Манасков во поразениот.