Спорт

Петгодишнина од историското деби на Македонија на ЕП во фудбал

На 13 јуни 2021 година во Букурешт „црвено-жолтите“ против Австрија го одиграа првиот меч на големите натпреварувања

Додека во САД, Канада и Мексико е во ек Светското првенство во фудбал, македонските љубители на најважната споредна работа на светот денеска одбележуваат пет години од историското деби на Македонија на европските шампионати.

Македонската фудбалска репрезентација на 13 јуни 2021 година ѝ излезе на мегдан на Австрија пред преполовен капацитет на Националната арена во Букурешт поради коронавирусот и загуби со 3:1, а мечот ќе го памети капитенот Горан Пандев, кој го постигна првиот гол за Македонија на големите натпреварувања кога во 28. минута израмни на 1:1.

Пред повеќе илјади членови на „македонската фаланга“ на трибините се играше и во вториот меч во Букурешт со Украина, која славеше со 2:1, постигнувајќи ги и двата гола во првото полувреме, а погодокот за „црвено-жолтите“ беше дело на Езгјан Алиоски во 57. минута, кога одбиената топка од пеналот изведен од него ја смести во украинската мрежа.

Пандев ќе го памети и мечот со соорганизаторот Холандија во Амстердам, кој „лалињата“ го добија со 3:0, а при 0:0 на работ од холандскиот шеснаесетник беше направен остар прекршок токму врз популарниот Гоче, но судијата на општо изненадување не содуси ништо, а во противнапад „лалињата го отворија резултатот. Oваа средба беше 122. и последна за најефикасниот стрелец во историјата на македонската фудбалска репрезентација со 38 гола, пред која од Џорџинио Вајналдум доби холандски дрес за спомен.

 

Најнови вести од: Спорт

To top