По завршувањето на попустот за гориво и поради влијанието на војната со Иран врз енергетските пазари, инфлацијата во Германија повторно забрза и во јули достигна 2,8 проценти, јавува германскиот јавен медиумски сервис Дојче Веле.
По истекот на попустот за гориво, животот во Германија значително поскапе. Во јули потрошувачките цени беа за 2,8 проценти повисоки од нивото во истиот месец минатата година, соопшти Сојузниот завод за статистика.
Во мај и јуни намалувањето на данокот на енергија за бензинот и дизелот за речиси 17 центи по литар го ублажи растот на цените. Стапката на инфлација падна на 2,3% во јуни. Уште во април, ценовниот шок на нафтата како последица од војната со Иран ја вивна инфлацијата на 2,9%, што беше највисоко ниво од јануари 2024 година.
Војната со Иран врши притисок врз енергетските пазари
Попустот за гориво заврши на крајот на јуни. Во исто време, сè уште незавршената војна со Иран продолжува да врши притисок врз енергетските пазари. Во одреден период цената на нафтата повторно надмина 100 американски долари за барел (159 литри), но потоа повторно се намали. Бидејќи многу производители постепено ги префрлаат повисоките трошоци за енергија врз своите цени, можно е храната и други производи да поскапат во наредните месеци.
Во јули цените на енергијата во Германија, според пресметките на статистичарите од Визбаден, беа за 8,3 проценти повисоки отколку во истиот месец лани. Во мај тој раст изнесуваше 3,4 проценти. На бензинските пумпи цените над две евра за литар гориво повторно станаа правило. Повисоките големопродажни цени на гасот најчесто до приватните домаќинства стигнуваат со задоцнување.
Попустот за гориво заврши на крајот на јуни
Цените на храната пораснаа под просекот
Граѓаните во Германија во месецов што завршува плаќаа 0,4 проценти повеќе за храна отколку во истиот месец минатата година, исто како што беше случај и во претходните два месеца.
Услугите, во кои спаѓаат посетите на ресторани и патувањата, во јули поскапеа за 2,9 проценти (во мај и јуни растот изнесуваше 3,1 процент).
Вкупно, потрошувачките цени во Германија од јуни до јули пораснаа за 0,8 проценти, покажуваат прелиминарните податоци на Сојузниот завод за статистика.
Последиците од енергетскиот ценовен шок сè уште не се надминати
Повисоките стапки на инфлација ја намалуваат куповната моќ на граѓаните: за едно евро тие можат да купат помалку отколку порано. Тоа ја забавува приватната потрошувачка, која претставува важен столб на домашната економија.
Во следните месеци можно е инфлацијата дополнително да се зголеми. „Неизвесноста и понатаму е висока, а последиците од енергетскиот шок врз инфлацијата сè уште не се почувствувани во целост“, изјави неодамна претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
Против инфлацијата со повисоки каматни стапки
Економистите очекуваат ЕЦБ во септември по вторпат оваа година да ги зголеми референтните каматни стапки во еврозоната. Со повисоки камати, централната банка може да ја ублажи инфлацијата, бидејќи кредитите стануваат поскапи, а побарувачката се намалува. ЕЦБ среднорочно цели кон стапка на инфлација од 2,0 проценти во еврозоната. На тоа ниво банката смета дека ја исполнува својата главна цел: обезбедување стабилни цени и стабилно евро.
Според најновата проценка на Германската сојузна банка (Бундесбанк), хармонизираната стапка на инфлација во Германија, која се користи за европски споредби, во наредните месеци би можела да ја надмине границата од 3 проценти. Во јули таа изнесуваше 2,8 проценти.
Извор Дојче Веле