Свет

На АФД и недостигаат три пратеници за самостојна влада во Саксонија-Анхалт

Историска победа, но без апсолутно мнозинство

Алтернатива за Германија (АфД) оствари историска победа на изборите во источната германска покраина Саксонија-Анхалт, но остана без апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент.

По пребројувањето на гласовите, АфД освои 43,8 отсто и 39 од вкупно 83 пратенички места. За апсолутно мнозинство се потребни 42 пратеници, што значи дека на партијата ѝ недостигаат три мандати.

ЦДУ заврши на второто место со 17,2 отсто и 15 мандати – тежок пораз за партијата на канцеларот Фридрих Мерц. СПД освои 9,3 отсто и осум мандати, Зелените 8,9 отсто и осум, Левицата 8,6 отсто и осум, а Сојузот на Сара Вагенкнехт (БСВ) со 5,3 отсто доби пет места.

Водечкиот кандидат на АфД, Улрих Зигмунд, резултатот го нарече историски момент.

„Луѓето многу јасно покажаа дека конечно сакаат политички промени. И пред сè, покажаа дека ги сакаат со нас“, изјави Зигмунд.

АфД водеше силна кампања за „ремиграција“ – враќање на луѓето кои не се Германци во нивните матични земји. Партијата се залага и за ограничување на имиграцијата, традиционални вредности во образованието и културата, реформа на јавниот радиодифузен систем, како и за проруски позиции и против натамошна помош за Украина.

Копретседателката Алис Вајдел порача дека на Германците им е доста од политика која, според неа, се води спротивно на интересите на земјата.

И покрај убедливата победа, АфД се соочува со проблем при формирање влада. Главните партии ја отфрлаат соработката со неа, а огранокот во Саксонија-Анхалт е класифициран како потврдено десноекстремистички од службата за заштита на уставот.

Зигмунд ја исклучи коалицијата со БСВ, оценувајќи ја како „дел од проблемот“. Копретседателот Тино Хрупала, пак, рече дека партијата е подготвена да им „подаде рака“ на сите.

Распределбата на мандатите дополнително ја усложнува ситуацијата – дури и обединување на сите други партии не би обезбедило мнозинство. Како една од опциите се наметнува малцинска влада.

Резултатот е сериозен удар за канцеларот Мерц и ЦДУ, која во покраината загуби половина од гласовите. Актуелниот покраински министер Свен Шулце рече дека гласачите испратиле јасна порака. Вајдел прогнозираше смена на Мерц и предвремени сојузни избори „пред Божик“.

Изборниот успех нема директно да ѝ овозможи на АфД да ја менува надворешната или миграциската политика, бидејќи тие се одлучуваат на сојузно ниво. На покраинско ниво, партијата би можела да има поголемо влијание врз културата, образованието и локалната полиција.

Најнови вести од: Свет

To top