Свет

Нетанјаху „збесна“ откако три земји вчера ја признаа Палестина

Најави „одговор“ на признавањето еден ден по неговото враќање од САД, каде што ќе присуствува на Генералното собрание на ОН

 

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху луто изреагира откако вчера Велика Британија, Канада и Австралија ја признаа државата Палестина.

„Имам јасна порака за оние лидери кои признаваат палестинска држава по ужасниот масакр од 7 октомври – вие давате огромна награда на тероризмот“, рече тој. „Имам уште една порака за вас – тоа нема да се случи. Нема да има палестинска држава западно од реката Јордан“, додаде тој.

Нетанјаху вели дека „со години го спречувал воспоставувањето на оваа терористичка држава, и покрај притисокот“. „Вистина е, ги дуплиравме еврејските населби во Јудеја и Самарија – и ќе продолжиме по тој пат“, додаде тој.

Израелскиот лидер, исто така, рече дека „одговорот на најновиот обид за наметнување терористичка држава во срцето на нашата земја“ ќе дојде еден ден по неговото враќање од Соединетите Држави, каде што ќе присуствува на Генералното собрание на ОН во Њујорк оваа недела.

Одлуката на трите земји да ја признаат Палестина ги става заедно со околу 140 други земји кои исто така ги поддржуваат аспирациите на Палестинците да создадат независна татковина од териториите окупирани од Израел.

Вчера и Португалија ја призна Палстина а се очекува и други земји, вклучувајќи ја и Франција, да го следат примерот оваа недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Одлуката на Велика Британија имаше посебна симболична тежина со оглед на нејзината централна улога во создавањето на Израел како модерна нација по Втората светска војна.

Крајнодесничарските израелски министри Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрих повикаа на анексија на Западниот Брег како одговор на признавањето.

Министерството за надворешни работи на Израел соопшти дека ја отфрлило „едностраната“ декларација од западните земји за признавање на палестинска држава.

„Израел категорично ја отфрла едностраната декларација за признавање на палестинската држава презентирана од Обединетото Кралство и други земји“, објави министерството. „Оваа декларација не промовира мир; напротив, дополнително го дестабилизира регионот и ги поткопува шансите за постигнување мирно решение во иднина“, се додава во соопштението, осудувајќи ја одлуката како „награда за најголемиот масакр врз Евреите од Холокаустот“.

„Оваа одлука е спротивна на секоја логика на преговорите и барањето компромис меѓу двете страни и дополнително ќе нè оддалечи од посакуваниот мир“, продолжи во соопштението.

„Доколку земјите што ја потпишаа оваа декларација навистина сакаат да го стабилизираат регионот, тие мора да ги фокусираат своите напори на притисок врз Хамас веднаш да ги ослободи заложниците и да го положат оружјето“, се додава во соопштението на министерството.

Најнови вести од: Свет

Демократите објавија нови фотографии од журките на Епштајн: Се продавале кондоми со карикатура од ликот на Трамп

Демократите во Комитетот за надзор и одговорност на Претставничкиот дом објавија 19 фотографии од најновиот пакет материјали добиени од имотот на починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн. Овие фотографии се дел од поголема колекција од над 95.000 слики, кои комитетот ги добил во четвртокот вечерта.

За што разговараа последниот „цар“ и „султан“ и предизвикаа дипломатски скандал(ВИДЕО)

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф доживеа дипломатски незгоден момент на самитот во Ашхабат, главниот град на Туркменистан, кога по повеќе од 40 минути чекање неочекувано влезе во просторијата каде што рускиот претседател Владимир Путин веќе разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Германија само лани издвоила дури 198 милијарди евра за образование

Инвестициите по жител достигнаа 2.400 евра, што е за 200 евра повеќе отколку во 2023 година. На сојузно ниво, расходите за образование се намалија за 1,6 проценти, достигнувајќи 11 милијарди евра. Ова намалување е делумно резултат на престанувањето на еднократната поддршка од 200 евра која им беше исплатена на студентите во 2023 година поради високите цени на енергијата.

To top