Свет

Возачите не, но автомобилите (ќе) можат да возат на алкохол

Постоечките прописи го ограничуваат уделот на етанол во бензинот на најмногу десет проценти; затоа, воведувањето на E20 би барало од Брисел да ја измени Директивата за квалитет на горивата

Тројца пратеници во Европскиот парламент од редовите на ЦДУ (CDU) бараат од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, итно да ја одобри продажбата на бензинот E20.

Горивото E20, кое содржи до 20 проценти етанол, моментално не е дозволено во Европската унија. Постоечките прописи го ограничуваат уделот на етанол во бензинот на најмногу десет проценти; затоа, воведувањето на E20 би барало од Брисел да ја измени Директивата за квалитет на горивата.

Во писмото, во кое увид имал германскиот весник „Билд“ (Bild), пратениците Петер Лизе, Јенс Гизеке и Норберт Линс наведуваат дека поголемото количество биоетанол во горивото би ја намалило зависноста од увоз на нафта и би ги намалило цените на бензинските пумпи. Во моментов, во Германија се спроведува само еден пилот-проект со горивото E20, пренесува „Билд“.

Сепак, останува спорно дали E20 навистина би донел заштеди за возачите. Иако цената по литар би можела да биде пониска поради намалениот удел на бензин од фосилно потекло, етанолот има помала енергетска густина, што ја доведува во прашање исплатливоста на возењето со ова гориво.

Експертите проценуваат дека тоа би довело до зголемување на потрошувачката на гориво за околу три проценти. За E20 да биде исплатлив, цената по литар на пумпата би требало да биде пониска за шест до седум центи, но неизвесно е дали би можела да се постигне таква разлика во цената.

Горивото E20 веќе се користи во Индија и Тајланд, додека Бразил користи горива со уште поголем процент на етанол. Во Германија, во 2023 година во Манхајм беше започнат само еден тестен проект.

Не е сосема јасно кои возила се прилагодени за E20.

Се претпоставува дека повеќето модерни автомобили на бензин би можеле да го користат без потешкотии, а за некои понови модели на BMW веќе постојат одобренија за поголем удел на етанол. Сепак, не постои единствена листа на компатибилни возила од сите производители, а може да се појават проблеми кај постарите автомобили.

Воведувањето на новото гориво е проследено и со критики. Сојузната агенција за животна средина на Германија изразува загриженост поради одгледувањето енергетски култури за производство на гориво, бидејќи тоа би можело да ги намали земјоделските површини наменети за производство на храна. Како пример се наведува порастот на цената на шеќерната трска во Индија, бидејќи таа таму се користи и за производство на етанол.

Одлуката за тоа дали европските возачи наскоро ќе користат E20 ќе се донесе во Брисел.

Најнови вести од: Свет

Нафтата повторно поминува низ Ормуската теснина, сообраќајот се врати на 70% од предвоеното ниво

Сообраќајот на нафта низ Ормускиот теснец значително се опорави и моментално е помеѓу 65 и 70 проценти од нивото пред почетокот на војната со Иран, според аналитичката фирма „Вортекса“.

Унгарскиот парламент му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар

Истрага за телефон фрлен во Дунав, сомневања за корупција и политички обвинувања – унгарскиот парламент отвори пат за продолжување на три одделни случаи, но конечниот збор за евентуалната одговорност допрва треба да го дадат надлежните институции

To top