Денеска во просториите на Јавното обвинителство се одржа работен состанок меѓу јавниот обвинител Ненад Савески, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
На средбата беа договорени конкретни чекори за побрзо, покоординирано и поефикасно постапување во случаите на семејно насилство.
„Во услови на загрижувачки трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство, трите институции утврдија приоритетни активности насочени кон унапредување на превенцијата, обезбедување навремена заштита на жртвите и поефикасно откривање и кривично гонење на сторителите. Согласно договорениот протокол, при секој евидентиран настан, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на пријавата ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, со цел навремено и синхронизирано постапување“, се наведува во соопштението.
Според договореното, ќе се обезбедува итен вешт наод и мислење за повредите, ќе се прави процена на ризикот и ќе се прибираат сите потребни докази.
Тоа треба да овозможи побрзо донесување на одлука од страна на обвинителството и навремено преземање на мерки за кривичен прогон.
Договорено е и воспоставување на постојани контакт-точки во трите институции. Определени лица ќе бидат достапни во секое време за координација и давање на итни насоки.
Целата постапка ќе се одвива според стандардизирани процедури, со јасно поделени надлежности.
„Со зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка се очекува да се обезбеди побрза реакција во секој поединечен случај, навремено преземање мерки за заштита и згрижување на жртвите, како и ефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови. Институциите остануваат посветени на доследно и навремено постапување по сите случаи на семејно насилство, постапувајќи во тесна координација, со цел заштита на жртвите и обезбедување одговорност за сторителите“, соопшти ЈОРМ.