Народната банка информира дека од денеска, 25 ноември, дека и физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во АЛТА банка АД Битола,
„Доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Оваа можност се однесува на новите приливи врз сите основи, вклучувајќи ги и новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми коишто имаат сметки во други банки и даватели на платежни услуги.
Во таа смисла, клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката“, соопштија од Народна банка.
Оттаму соопштија дека Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за олеснување на пристапот на клиентите до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.
Како и досега, продолжуваат со работа филијалите на АЛТА банка АД Битола во Струмица, Тетово и во Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“, каде што клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.