Свет

Хрватска ја запре екстрадицијата на Украинец осомничен за „Северен тек“

Германија го бара нуркачот за саботажа и воени злосторства со бомбашките напади врз гасоводот во 2022 година

Хрватски суд ја блокираше екстрадицијата во Германија на еден од клучните осомничени Украинци за бомбашките напади врз гасоводот „Северен тек“, соопштија неговите адвокати.

Владимир Журављов е еден од седумтемина осомничени, идентификувани од германските истражители во врска со саботажата на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.

Подводните експлозии на 26 септември 2022 година оштетија три од четирите краци на гасоводот, изградени за директна испорака на руски гас во Германија. Берлин набргу потоа покрена истрага, но конкретен напредок во гонењето на осомничените е направен дури по речиси две години.

Во изјава објавена на Фејсбук, украинската адвокатска канцеларија „Катеринчук, Мур и партнери“ наведе дека Високиот кривичен суд на Хрватска, на 23 ноември, ја поништил одлуката за екстрадиција донесена во септември од судот во Пула и наложил одржување на ново рочиште.

Судиите оценија дека одлуката на понискиот суд за екстрадиција на Журављов е прерана и му наложија на судот да побара појаснување од германските власти во врска со два европски налога за апсење издадени против него во 2024 и 2026 година. Во налозите, истиот напад е класифициран на различен начин – како саботажа, односно како воен злостор – што, според адвокатите, отвора прашања за опсегот на неговото кривично гонење.

Германските обвинители се сомневаат дека Журављов, кој е обучен нуркач, директно учествувал во саботажата преку поставување експлозив на гасоводите. Тој негира каква било вмешаност, тврдејќи дека во тоа време се наоѓал во Украина.

Германија веќе двапати не успеа да го обезбеди неговото предавање. Во јули 2024 година, Журављов побегнал од Полска во Украина, наводно во возило на украинската амбасада. Тој бил уапсен во Полска во септември 2025 година, но бил ослободен следниот месец откако судот во Варшава ја одбил неговата екстрадиција, оправдувајќи го нападот врз гасоводите како чин на одбрана од страна на Украина.

Журављов на крајот беше приведен во Хрватска во август оваа година, додека, наводно, работел како консултант на „Змиски остров“ – холивудски филм за бомбашките напади.

Најнови вести од: Свет

To top