
„Излегувањето на Арбен Таравари од Владата нема апсолутно никако да се одрази од врз нејзината стабилност на Владата. Дури, уште повеќе, се чини дека би се зацврстила во позициите, откако од неа истапува можниот дестабилизирачки чинител!“ – оценува информативната агенција Нетпрес во својата анализа со наслов „Пребегот на Таравари не допира до стабилноста на Владата“.
„Нетпрес“ пишува: Сопартиецот на Арбен Таравари, вицепремиерот Арбен Фетаи нема да му се придружи во политичкото самоуништување, туку ќе остане дел од владиниот кабинет на Христијан Мицкоски. Според информации од Вреди и од ВМРО-ДПМНЕ, Фетаи најверојатно нема да поднесе оставка, бидејќи веќе изразил интерес да остане во Владата. Сигнал за тоа се гледа и во фактот што Фетаи не присуствуваше на состанокот на Централното претседателство, кога АА на Таравари донесе одлука да заминат во опозиција. Без разлика на мотивите кои ги наведува Арбен Таравари, лидер на едно од крилата на поделената Алијанса за Албанците, за излегување од владата, сѐ повеќе е јасно дека овој негов политички маневар нема апсолутно никако да се одрази од врз стабилноста на Владата. Дури, уште повеќе, се чини дека би се зацврстила во позициите откако од неа истапува потенцијално дестабилизирачкиот фактор. Така, сѐ повеќе станува јасно, дека се изјаловија посакувањата, што јавно искажани што прикриено интонирани, за распад на владејачкото мнозинство и евентуално распишување предвремени избори по нецела година од стапувањето на сцена на новата власт којашто си презема обврска да расчисти со сите дубиози како клин инсталирани во општеството.
А, дека кокетирањето на Таравари со ДУИ, не може да има негативни реперкуси врз Владата, освен по неговиот кредибилитет и како личност, а уште повеќе како политички лидер, најилустративно зборува изјавата на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, еден од лидерите ВЛЕН, кој истакна дека сегашните функционерски позиции во Владата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, кој синоќа најави дека ќе поднесе оставка од министерската позиција, остануваат во коалицијата Вреди, која во меѓувреме го започна процесот на преструктуирање во единствена политичка формација. Меџити притоа му порача на Таравари, кој изрази наводно незадоволство од партиципирањето на Албанците во позициите на власта, а за што претходно немаше забелешки, дека ќе биде направена анализа и оти ќе понудат најдобри и најподготвени кандидати за позициите што ќе се испразнат поради излегувањето на Алијансата од Владата.
Според Меџити, со тоа што Таравари најавил оставка за себеси, но не и за другите функционери од АА се покажало дека одуката за излегување од Владата не соодветствува со членството и структурата на партијата и оти е видливо дека во партијата има поделби околу прашањето за излегување од власта. „Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери покажува и докажува дека има донесено одлука која не кореспондира со членството и структурите на партијата, има видливи поделби, ги гледаме, секојдневно има различно размислување, непочитуивање на одлуката на претседателот, несватлива им е, затоа веќе е видлива поделбата на АА“, рече Меџити.
Исто така, Меџити го побива Таравари, кој својата лична одлука да се дистанцира од од ВЛЕН и ја напушти владата ја објаснуваше со наводна анкета на албанските гласачи кои наводно биле незадоволни дека коалицијата „не напредувала правилно кон постигнување на промената што ја чекаа Албанците“. Меџити, имено денеска изјави дека токму тој и министерот Арбен Фетаи, ги бранеле албанските национални интереси во Владата. „Јас ги бранев етничките прашања во Владата како прв вицепремиер, но и Арбен Фетаи како втор вицепремиер. Заедно работевме на законот за правична застапеност, законот за јазици и други етнички теми“, рече Меџити истакнувајќи дека Таравари никогаш не се пожалил на „неуспехот на сегашната влада да ги реши проблемите на етничките Албанци“.
„Не, не се пожали. Има транскрипти во владата и ќе бидат видени“, рече Меџити.
Алијанса за Албанците на Таравари во моментов има вицепремиер, министер за здравство и двајца заменици министри – за земјоделство и одбрана. Сепак и овој распоред на силите ќе зависи од тоа колку од пратениците на АА ќе го следат Таравари или ќе останат во пратеничката група на коалицијата Вреди.
Така, кога е во прашање евентуалната штета што истапувањето на Таравари може да го предизвика во Владата или во нејзината поддршка во парламентот, математиката повторно не оди во прилог на опозицијата која се надева на предизвикување политичка нестабилност, што, пак, би им дала можност како што се надеваат барем малку политички да живнат и да го активираат партиското членство сѐ уште грогирано од жестокиот нокаут доживеан на ланските парламентарни избори. Поточно, дури и сите петмина пратеници на АА на Таравари да го напуштат парламентарното мнозинство, Владата ќе има сигурна и комотна поддршка од повеќе од седумдесет гласови во Собранието.
Меѓутоа, според последните најави, сопартиецот на Таравари вицепремиерот Арбен Фетаи нема да му се придружи во политичкото самоуништување, туку ќе остане дел од владиниот кабинет на Христијан Мицкоски. Според информации од Вреди и од ВМРО-ДПМНЕ, Фетаи најверојатно нема да поднесе оставка, бидејќи веќе изразил интерес да остане во Владата. Сигнал за тоа се гледа и во фактот што Фетаи не присуствуваше на состанокот на Централното претседателство, кога АА на Таравари донесе одлука да заминат во опозиција.
Но, уште поречито за разидувањето во таборот на Таравари говори и неговата објава на социјалните мрежи во кои Фетаи му порача на сопаритецот дека „политиката не е професија, туку мисија“ и истакнувајќи дека АА влегла во коалицијата Вреди токму поради демонтирање на „гнилиот поредок наречен ДУИ“. Конечно, по ова, многу јасно е дека станува збор за турбуленција, којашто ја предизвикаа личните аранжмани на Таравари, во прв ред финансиски, а која ја искористил Али Ахмети, и тоа првенствено за поправање на сопствените и позициите на ДУИ во албанскиот кампус, отколку за смислена политичка операција, којашто може да ѝ нанесе штета на Владата на Мицкоски. – пишува „Нетпрес“.