Македонија

Мицкоски: 23 Октомври е завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода

И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува – да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон

Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби, подвлече во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

-На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ – ВМРО – му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти зборот Македонија. На 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација – идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето и сите граници, истакна Мицкоски.

Тој кажа дека од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба и, како што рече, тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот – да ѝ дадат иднина на татковината.

-Со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, на саможртвата и на вечниот стремеж кон слобода. Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека секојпат кога пред нас стоеле темни времиња, кога се чинело дека Македонија ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ.

-Затоа, 23 Октомври не е само датум – тоа е завет. Завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува – да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон, истакна тој.

Премиерот нагласи дека денес не славиме само минато, туку го славиме духот на трајноста и оти 23 Октомври е повик кон совеста – да бидеме достојни на тие што ни ја подарија слободата, да ја чуваме Македонија со истата решеност со која тие ја создаваа.

-ВМРО е мислата што не умира – затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна. Силата на ВМРО не била во оружјето, туку во идејата дека правдата е посилна од стравот. И доказите за таа челична волја и таа саможртва не се напишани само во книгите, туку можете да ги видите низ живите споменици под дабовите на Мечкин Камен, по улиците и духот на Крушево, низ славните битки и востанија на нашиот народ. Затоа и Македонија треба да се чува, затоа што зад оваа држава стојат илјадници животи кои се дадени за нејзината слобода. И тоа е нешто што нè обврзува и задолжува, нагласи тој.

Мицкоски посочи дека во денешно време се соочуваме со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ.

-Како премиер на државата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме. И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување, подвлече премиерот во своето обраќање на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври во Македонскиот народен театар.

Најнови вести од: Македонија

Во ЕУ расте бројот на лица, што живеат сами! – Во Германија од 41 милион домаќинства дури 42 отсто биле едночлени лани!

Во Европската Унија минатата година 16,5 проценти од населението живеело во едночлени домаќинства, а најголем удел на лицата кои живеат сами е регистриран во скандинавските и во балтичките земји, покажуваат податоците на европската статистичка агенција Евростат. Над европскиот просек е и Германија, каде што секој петти жител, односно 20,9 проценти од вкупно околу 84 милиони жители, живеел сам, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика „Дестатис“.

Сиљановска-Давкова: Струшките вечери на поезијата веќе 65 години ги поврзуваат светските меридијани, a Струга е најпоетскиот град на планетава

Струшките вечери на поезијата, поетски дом, кој веќе 65 лета поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика, истакна вечерва од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прогласувајќи ги за отворени 65. Струшки вечери на поезијата.

Петрушевски: СДС одработува за интересите на Бугарија, мислејќи дека така ќе дојдат на власт! Се соочуваме со странско мешање во внатрешните работи на Македонија!

Бране Петрушевски, пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва гостуваше во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, при што се осврна на односите на Република Македонија со источниот сосед Бугарија како и случувањата поврзани со јавно споделената дипломатска нота во која беа содржани информации за патувањето на членовите на најтесниот круг на семејството на премиерот Мицкоски, кое како што рече Петрушевски претставува невиден скандал во дипломатските односи и прекршување на истите.

Најава дека „тетовчани в петок ќе се кренат против одлуката на Уставниот суд за промената на имињата на улиците во Тетово“!

„Тетовчани ќе се кренат во петок! Плоштадот Илирија нема да стане ‘Маршал Тито’, колку и да сонува некој за такво нешто.“ – објави на својот фејсбук-профил Рами Мислими, новинар, политички аналитичар и сопственик на албанскиот информативен портал на албански јазик „Тетова сот“ од Тетово. Неговата објава под наслов „Имињата на улици во Тетово: тетовчани ќе се кренат в петок против Билал Касами“ ја пренесоа овој портал и други медиуми на албански јазик во Македонија.

Екстрадиран Саит Саитов кој во јануари избега во Србија откако прегази жена во Капиштец

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов од Скопје, кој беше баран со меѓународна потерница распишана од МВР на 12 јануари, денеска е екстрадиран од Србија во нашата земја, информира Министерството за внатрешни работи. МВР објави дека на Саитов му е определена мерка притвор и дека е предаден во затворот „Скопје“ за понатамошна постапка

Најнови вести

To top