Христијан Мицкоски вечерва испрати од Кичево моќна порака за победата во овој град и општина.

„Падна Фатмир Дехари. Падна од народот, кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење. Се докажа дека никој не е посилен од народот. Покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери, различни припадности, против оние, кои го влечеа градот удолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика, која им е потребна на граѓаните. На ова треба да работиме. Победија соживотот и вербата во вредности. Ова е голем и важен пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети.“ – истакна Мицкоски.

Тој посебно нагласи: Победи идејата дека Македонија е дом за сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати.

Христијан Мицкоски им порача на кичевчани дека е со нив и оти Кичево мора да биде во центарот на вниманието на Владата.
„Драги кичевчани јас сум со вас и Кичево во периодот, што следи, мора да биде и во центарот на вниманието на Владата. Падна митот дека Кичево е нивно, или наше, оти е мала или голема општина. Кичево е на кичевчани. Победи надежта дека иднината не се гради со поделби, туку со почит и заедничка работа. Таа победа не е само локална, таа е симболична. Таа зборува за Македонија, што созрева, за народот, што не се плаши да се обедини околу вредностите, а не околу поделби. Таа покажува дека народот е поголем од политиката и оти верата во подобро утре е посилна од секој страв. Драги пријатели, помина и времето на локални шерифи, итромани, кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации со децении се шалтаа од еден во друг ќош, само за да преживеат политички. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите оние, кои со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Е,па вистината им се распрсна пред очи. Бомбата, која ја подготвуваа за други, им прсна во рака. Почитувани сограѓани, овој резултатот е порака до СДСМ: морам да признаам дека не сум среќен поради нивниот дебакл. Но, тој е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор со времето.“ – истакна Мицкоски во своето обраќање пред насобраниот народ во Кичево.

Тој посочи дека секој добиен глас е доверба, но и обврска. „Со одговорност пристапувам кон секој даден глас. Секои избори се порака, и овие избори се порака и до нас, да не се забегува во победата, туку да се носиме со одговорноста, дадена од граѓаните, и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме. Таа порака е разбрана. Обврска да продолжиме уште посилно, да не се опуштиме ниту еден ден, и да ја претвориме надежта во конкретни резултати. Да покажеме дека чесноста и трудот победуваат, оти политиката може да има достоинствено лице, и дека Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок. Од Кичево до Скопје, од Битола до Куманово, од Охрид до Штип, ова е истата порака: време е за обединување, време е за работа, време е за Македонија што верува во себе.“ – порача претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мцкоски во своето обраќање од Кичево.
Видео-снимка од обараќањето на Христијан Мицкоски вчеравечер од Кичево