Бизнис

Славески: Штедењето е системска неопходност за одржлив раст и стабилност

Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат, истакна Славески

„Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност“, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.

Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем. „Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.

Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.

Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.

„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

Најнови вести од: Бизнис

Во училиште треба да има посебен предмет за финансиска едукација – ризиците се големи, вели главната економистка во НБРМ

Народната банка презема активности за подобрување на финансиската писменост на населението од сите возрасни групи, со посебен акцент на младите кои се во фаза на образование.

(Фото): Над 2.800 апликации за грантови за отворање на сопствен бизнис, инфо-денови во Ресен, Охрид и Кичево

Голем интерес има за јавните повици од мерката за Претприемништво – Самовработување со грант од Оперативниот план Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, а минатата недела се пристигнати над 2.800 апликации, информираат од Министерството за економија и труд.

Модернизација на Железницата – Ќе се купуваат нови возови и електрични локомотиви

Со грант од еден милион евра од Светската банка почнува процесот на реформирање и модернизација на „МЖ-Транспорт“. Средствата се наменети за преструктурирање на претпријатието, додека паралелно се најавува набавка на нови патнички возови и најмалку пет електрични локомотиви.

За три години во Македонија влегле над 11 милиони килограми млеко во прав

Додека официјалните статистики покажуваат раст на увозот на млеко во прав, домашните производители на млечни производи тврдат дека на македонскиот пазар во моментов залихите на млеко се поголеми од побарувачката и дека млекото во прав речиси и не се користи во производството на млечните производи. Истовремено, бројките покажуваат дека домашното производство на кравјо млеко повторно расте, но сè уште не го достигнало нивото од пред неколку години.

(Фото): Младите во фокус на Оперативниот план за вработување, 58% од планот е наменет за нив

Јавните повици за мерката „самовработување“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година се активни до 3 јули 2026 година, информираа од министерството за економија и труд по денешните информативен каравани во Куманово, Гевгелија и Кавадарци. Преку оваа мерка невработените можат да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис.

To top