Македонија

Сиљановска-Давкова: Два предлози за еден член на Судскиот совет не враќа во Собраниски систем (ВИДЕО)

Ретко кој ќе сака да биде предложен ако треба да се бори со уште еден кандидат пред Собранието

 

Сиљановска-Давкова има дилеми за идејата да предлага по најмалку двајца за едно место во Судскиот совет.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, претседателката вели дека самите кандидати имаат проблем бидејќи не веруваат оти шефот на државата може да има исто ниво на доверба во повеќе кандидати

Еден од аргументите контра предлогот на законот е што оваа идеја е спротивна на Уставот каде што јасно пишува дека претседателот предлага двајца а не четворица за две места.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во дилема околу предлог-решението во работната верзија на законот за Судски совет, кое предвидува дека таа треба да предложи најмалку двајца кандидати за едно место во Советот. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, шефицата на државата вели дека самите кандидати имаат проблем бидејќи не веруваат оти претседателот може да има исто ниво на доверба во повеќе луѓе.

 

„Јас веќе разговарав со некои кандидати, бидејќи јас и во јули и сега имам една листа на кандидати со кои разговарам, за кои мислам дека се квалификувани. Она што кандидатите го забележуваат е следново. Дека претседателот не може подеднакво да има доверба во двајца. Тој ве бира затоа што мисли дека вие сте најдоброто решение за член на Судскиот совет, а вас ќе ве гласа или не Собранието. Второ, морам да укажам на следново. Во многу системи претседателите се тие кои не му предлагаат на Конгресот, на Сенатот… туку номинираат“, изјави претседателката.

 

Kога ќе кажете некому – Ве предлагам вас, ама предложив и друг, реакцијата е – па извинете сега, подеднакво ни верувате, се дополнува таа.

 

Законот за Судски совет во работна верзија беше испратен во Венецијанската комисија, од каде, во меѓувреме, пристигна мислење за него. Но, засега е непознато во која фаза е носењето на законот, кога тој би поминал на владина седница и кога би бил испратен во парламентот.

 

Сепак, претседателката е децидна дека ќе постапува така како што ќе реши Собранието, иако смета дека претседателот треба директно да номинира членови на Судскиот совет, а не да дава предлози.

 

„Да нема избор. Ако сакаме да зборуваме за поделба на власта. Бидејќи изборниот легитимитет ни е ист. Вака, па мене ми личи дека има елементи од собраниски систем. Последниот збор секогаш да го имаат пратениците“, рече Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова сè уште не предложила наследник на Миљазим Мустафа, чиј мандат истече во јули годинава. Таа своевремено рече дека за предлог ќе го почека новиот закон за Судски совет. Во интервјуто повтори дека останува на тој став.

 

Целото интервју во видеото на 360 Степени

 

Фото и извор на веста „360 степени“

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top