Итан Ампаду и Џордан Џејмс, поради парни жолти картони, им се придружија на соиграчите од велшката фудбалска репрезентација Бен Дејвис, Арон Ремзи, Кифер Мур, Крис Мифам и Бен Кабанго, кои ќе го пропуштат директниот дуел со Македонија во вторник од 20:45 часот во Кардиф за мундијалскиот бараж.
Ампаду ја носеше капитенската лента во отсуство на Дејвис и на Ремзи во минималната победа над Лихтенштајн од 1:0 попладнево во Вадуц, кадешто Џејмс го постигна единствениот гол.
Принудната апстиненција на фудбалерот на Фулам, Ампаду, и на играчот на Лестер, Џејмс, кому погодокот против аутсајдерот му беше прв во репрезентативниот дрес, значи дека селекторот Крег Белами, кој не беше на клупата против Лихтенштајн исто така поради „жолтица“, ќе мора со други два централни играчи за врска да ѝ излезе на мегдан на Македонија.
За мечот што ќе решава за второто место во групата, кое не само што обезбедува бараж за Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада, туку и домашен терен во полуфиналето, во тимот на Велс се враќа крилото Хари Вилсон.
Во четвртиот меѓусебен дуел Македонија и Велс влегуваат со по 13 бода, но избраниците на селекторот Благоја Милевски како втори поради многу подобрата гол-разлика (+9 наспроти +4), па на Градскиот стадион во Кардиф ќе им биде доволно и реми.
Двата ривала имаат по една победа, нерешено и пораз во мечевите меѓусебе, во кои израмнета е и вкупната гол-разлика (3:3), а последната средба во март во Скопје заврши 1:1 со голови постигнати во судиското продолжение, во кое Бојан Миовски ѝ донесе водство на Македонија, на која радоста ѝ ја скрати Дејвид Брукс во последните секунди.