Спорт

ВИДЕО: Хрватска и Германија во полуфинале на ЕП, крај за актуелните шампиони

Европско првенство во ракомет

Хрватска вечерва ја совлада Унгарија со 27 – 25 во завршното коло од групата 2 на Европското ракометно првенство и се пласираше во полуфиналето, во кое место обезбеди и Германија, откако во групата 1 триумфираше над Франција со 38-34.

Хрватите три четвртини од натпреварот во Малме беа во резултатска негатива која достигнуваше највисоки – 3 голови (2-6, 7-11, 15-19), но откако во 46. минута прв пат дојдоа во водство (21-20) не го испуштија до самиот крај.

Место во полуфиналето обезбеди и Германија и тоа откако денеска ја победија моќната Франција со 38-34. Франција е и актуелен европски шампион, па така сега стана јасно дека европскиот ракомет ќе добие нов владател.

Германија денеска до победата стигна апсолутно заслужено бидејќи имаше водство од самиот почеток на натпреварот и не дозволија Французите целосно да се вратат.

Унгарците при резултат 25-26 постигнаа гол за израмнување на триесет секунди до крајот, што норвешките судии го поништија поради прекршок во напад, а Мандиќ во завршните секунди стави печат на победата.

Покрај Хрватска, пласман во полуфиналето од оваа група обезбеди и Исланд, откако претходно денеска триумфираше над Словенија со 39-31.

Во групата 1, ракометарите на Германија ѝ се приклучија на Данска во полуфиналето, триумфирајќи во голем стил во Хернинг над бранителот на титулата Франција.

Германците имаа предност од самиот почеток на натпреварот и на полувреме заминаа со водство од 19-15, а во продолжението предноста достигна и највисоки плус 5 голови (24-19).

Французите се обидоа резултатски да се вратат во игра, дојдоа во финишот до гол негатива (31-32), но Германија одговори со серија од 4-1 и ја задржа предноста до крајот на дуелот.

Завршното коло од главната рунда ќе се комплетира вечерва со дуелите Данска – Норвешка и Шведска – Швајцарија.

Завршницата на Европското првенство ќе се игра во Хернинг. Полуфиналињата се закажани за 30 јануари со почеток во 17:45 и 20:30 часот, а претходно, натпреварот за петтото место ќе се игра од 15:00 часот.

По ден одмор, ќе следат натпреварите за медали. Пресметката за бронзен медал ќе се игра на 1 февруари од 15:15 часот, а европскиот шампион ќе биде крунисан по финалето, кое ќе се игра на 1 февруари со почеток во 18:00 часот.

Најнови вести од: Спорт

Најнови вести

To top