Со победата од 5:1 над Арсими на тренинг-центарот на ФФМ, Вардар се зацврсти на врвот на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и ѝ побегна четири бода на второпласираната Струга, која вчера загуби со 2:0 во дербито со Шкендија во Тетово.
Засилувањата Стефан Цветковиќ, Бобан Николов и Дарко Велковски дебитираа за „црвено-црните“ со гол, а во листата на стрелците се запишаа и Немања Босанчиќ, и Азер Омерагиќ, кој со 9 погодоци го дели четвртото место меѓу голгетерите во лигата.
Во другиот меч денеска Силекс и Башкими одиграа без голови во Кратово.
По 17 одиграни кола тимот на Гоце Седлоски води со 45 бода, пред стружани со 41, Шкендија со 39, Силекс со 32 итн.