Македонија

Интервју: Динамични и продуктивни 100 дена, низа капитални проекти за 50. јубилеј на Општина Гази Баба

Освен настаните, предвидени се и одликувања и признанија за поединци, организации и институции кои со својата посветеност и работа оставиле траен белег во развојот на Гази Баба. Овие признанија не се само симболични, туку се потсетник за тоа дека заедничката работа и посветеноста кон граѓаните се вредности кои ја градат нашата општина.

Поминаа 100 дена од почетокот на Вашиот втор мандат. Како ја оценувате досегашната динамика и што е реализирано во овој период?

Стефковски: Првите 100 дена од вториот мандат ги оценувам како исклучително динамични и продуктивни. Влеговме со јасна визија – да нема застој, туку континуитет и забрзување на процесите. Наместо период на адаптација, имавме период на интензивна реализација.

Во делот на образованието и грижата за најмладите, започнавме изградба на нова детска градинка помеѓу Маџари и Керамидница, како и изградба на нова училишна сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара. Започна изградбата на нов дел на ООУ Крум Тошев во Трубарево со што создаваме подобри и поквалитетни услови за образование и воспитание. ООУ „Његош“ доби нова енергетски ефикасна фасада и 90 нови садници, додека ООУ „Вера Јоциќ“ беше опремено со 20 лаптопи и 10 персонални компјутери. Во ООУ „Наум Наумовски Борче“ воведовме систем за мерење и менаџирање со енергија, а обезбедивме и нов училишен инвентар за ООУ „Наум Охридски“. Дополнително, го реализиравме и „Зимскиот камп на ученици“.

Во здравството, склучивме договор со Министерството за здравство за изградба на нова амбуланта во Автокоманда – проект од особено значење за жителите на тој дел од општината.

Инфраструктурата останува наш приоритет. Започнавме реконструкции на улиците „Перо Наков“ (во соработка со Град Скопје), „Петре Филиповски Гарката“ во Триангла, улица 30 во Чукур Маало – Трубарево, а ја завршивме реконструкцијата на улица „Јордан Поп Јорданов“ во Маџари и улица 22 во Сингелиќ. Изградивме нова улица во Колонија, пешачки патеки во Нова Колонија и атмосферска канализација на „Коцката“ во Керамидница. Поставивме технички средства за смирување на сообраќајот, нова сигнализација и светлосни обележувања на пешачки премини низ целата општина.

Во делот на животната средина и комуналната хигиена, засадивме 1.500 нови садници во парк-шумата Гази Баба и 150 во спортскиот центар во Идризово, а во соработка со Град Скопје започнавме акција за расчистување на Вардариште. Реализирана беше и есенска акција на ЈКП Гази Баба за расчистување на јавните површини и обезбедивме нова опрема за вработените.

Социјалните мерки се исто така значаен сегмент. Ја воведовме мерката „НУЛА комуналии“ за млади брачни парови до 35 години, субвенции за млади до 25 години за полагање возачки испит, објавивме јавни повици за субвенции за реконструкција на лифтови и за чистење на оџаци. Овозможивме бесплатен престој за деца Роми во градинките преку проектот за инклузија. Доделивме 12 милиони денари поддршка за спортот и 3 милиони денари за здруженија и фондации.

Дополнително, воведовме нов модел на функционирање на секретарите на Урбаните и Месните заедници, со цел поголема ефикасност и побрза комуникација со граѓаните.

Овие 100 дена покажуваат дека вториот мандат ќе биде мандат на реализација, развој и конкретни резултати. Не ветуваме – работиме. И тоа со јасна цел: подобар квалитет на живот за сите жители на општината.

По првиот мандат, со какви искуства влеговте во вториот и што направивте поинаку?

Стефковски: Првиот мандат ми даде големо искуство и јасна слика за тоа што функционира, а каде има простор за подобрување. Научив дека успешната локална самоуправа не е само за проекти и инфраструктура, туку пред се за организираност, брзина на реагирање и постојана комуникација со граѓаните. Првите години ме научија колку е важно да се слуша и разберe секој сегмент – од жителите, преку службите, до партнерите од државата и градот.

Во вториот мандат влегов со појасна стратегија и со фокус на конкретни, мерливи резултати. Освен што фокусот ни е на нови проекти, ставив акцент на забрзување и надградба на веќе започнатите проекти.

Она што го направивме поинаку е што сега секој проект се следи во реално време – од планирање, преку изведба, до завршување. Имаме јасна евиденција, отчетност и постојана контрола на квалитетот. На тој начин, граѓаните веднаш гледаат резултати и знаат дека ветеното не останува само на хартија.

Искуствата од првиот мандат ни помогнаа да се движиме побрзо, посистематски и поефикасно, без да се губи контактот со граѓаните и нивните потреби. Влеговме во вториот мандат подготвени да работиме со поголема решителност и со реален фокус на подобрување на квалитетот на животот во општината.

Оваа година се одбележуваат 50 години од постоењето на Општината. Што значи овој јубилеј за Вас лично и за институцијата?

Стефковски: 50 години постоење на Општина Гази Баба е значаен јубилеј – и за мене лично, и за целата институција. За мене како градоначалник, ова е момент да се осврнам на сè што општината постигнала, но и да се потсетам на одговорноста што ја имам денес: да продолжиме да работиме за граѓаните со истата посветеност и визија како што ја градеше оваа општина низ годините.

За институцијата, овој јубилеј претставува сведоштво за континуитетот, развојот и посветеноста на сите што низ децениите работеле за подобрување на условите за живот во Гази Баба. Од инфраструктура и образование, до социјални политики и грижа за најмладите и најранливите, ова е прилика да се потсетиме на вредностите и принципите што ја градат општината.

Истовремено, јубилејот не е само за славење, туку и за поттик за иднината. Ги гледам овие 50 години како инспирација да продолжиме со амбициозни проекти, подобрување на услугите и создавање на уште поудобен и поразвиен живот за сите жители. За мене, лично, ова е потсетник дека секој ден работа е важен и дека историјата на општината ја градиме сите заедно – со конкретни резултати и посветеност.

Како ќе се одбележи јубилејот и дали се планираат културни, спортски или инфраструктурни настани?

Стефковски: За да го одбележиме овој значаен јубилеј – 50 години од постоењето на Општина Гази Баба – подготвуваме посебна програма што наскоро ќе биде усвоена од Советот. Нашата цел е јубилејот да биде достапен и значаен за сите жители, од најмладите до највозрасните, и да ја прикаже историјата, достигнувањата и визијата за иднината на општината.

Концептот што го развиваме е „50 години – 50 настани“. Тоа значи дека секој месец ќе имаме активности во различни области – култура, спорт, образование, социјални проекти и заеднички иницијативи. На тој начин сакаме да ја истакнеме разноликоста на општината, нејзиниот развој и значењето на секој дел од нашата заедница.

Освен настаните, предвидени се и одликувања и признанија за поединци, организации и институции кои со својата посветеност и работа оставиле траен белег во развојот на Гази Баба. Овие признанија не се само симболични, туку се потсетник за тоа дека заедничката работа и посветеноста кон граѓаните се вредности кои ја градат нашата општина.

Јубилејот ќе биде и прилика за потсетување на минатото – на сите предизвици, достигнувања и моменти кои ја обликувале Гази Баба – но и за поглед кон иднината. Со овие активности сакаме да ја поттикнеме заедничката свест, гордоста на граѓаните и љубовта кон својата заедница. На крајот, овој јубилеј е потсетник дека Општината не е само административна единица, туку жив, активен и посветен организам што секојдневно работи за подобар живот на сите граѓани.

Дали ќе има капитален проект што ќе остане како траен белег на 50-годишнината?

Стефковски: Не е само еден проект што ќе го одбележи јубилејот, туку цела низа капитални проекти кои ќе остават траен белег во развојот на Општина Гази Баба. Овие 50 години заслужуваат да бидат прославени со конкретни дела кои директно ќе ги подобрат условите за живот на нашите граѓани.

Меѓу најзначајните проекти се Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто, кој ќе биде ново централно место за културни и заеднички активности за жителите, како и новата училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“, која ќе овозможи современи услови за образование. Дополнително, нови спортски сали во Железара и во Црешево, како и нови детски градинки во Трубарево и Инџиково.

Покрај овие крупни проекти, ќе има и голем број други инфраструктурни, образовни и социјални активности кои ќе ја обогатат општината и ќе покажат дека 50-годишнината не е само симболична, туку конкретна и долготрајна инвестиција во иднината на нашата заедница. Секој од овие проекти е плански и внимателно изграден, со цел да остави траен белег и да покаже дека Општината продолжува да се развива и расте за доброто на сите граѓани.

Како се менувала Општината низ децениите и каде ја гледате денес во однос на развојот?

Стефковски: Општина Гази Баба низ изминатите 50 години доживеала значајни промени – од мала и локална заедница, до современа, динамична и разновидна општина која постојано се развива. Историјата на општината е приказна за раст, инвестиции и адаптација на потребите на граѓаните. Секоја деценија донела нови предизвици и нови можности – од развој на инфраструктурата и образованието, до проширување на јавните услуги и социјалната грижа за сите категории жители.

Со текот на времето, Општината ја зголеми својата улога како место каде што граѓаните можат да го најдат своето место во заедницата. Изградбата на нови училишта, детски градинки, спортски центри, јавни површини и улици, како и воведувањето модерни услуги и инфраструктурни решенија, ја трансформираше општината во модерен и функционален простор за живот.

Денес ја гледам Гази Баба како општина која е активен, динамичен и развивачки центар во рамките на Скопје, со силен фокус на квалитет на живот, образование, култура и инфраструктура. Нашата цел е не само да ја задржиме оваа динамика, туку и да продолжиме со иновации и инвестиции кои ќе ја направат општината уште поатрактивна за живеење, работа и развој на заедницата.

Гледам една општина што ги комбинира искуството и традицијата со модерниот развој – место каде што граѓаните се слушнати, каде што проектите се видливи, а иднината се гради со конкретни резултати и визија за подобар живот за сите.

Како ја оценувате досегашната соработка со Град Скопје во овој период?

Стефковски: Досегашната соработка со Град Скопје ја оценувам како конструктивна и соработка која носи резултати и дела. Во овој период, особено со новото раководство, успеавме да воспоставиме отворена и редовна комуникација, која ни овозможува да ги координираме проектите на локално и градско ниво.

Имаме конкретни примери на успешна соработка – од реконструкцијата на „Перо Наков“ и почетокот на чистењето на „Вардариште“, до заеднички акции за уредување на јавни површини и инфраструктурни зафати. Овие проекти покажуваат дека кога има добра координација и јасни приоритети, резултатите за граѓаните се видливи и брзи.

Соработката со Градот е од суштинско значење, бидејќи многу прашања и проекти ги надминуваат рамките на локалната самоуправа. Токму затоа е важно да се гради партнерски однос, да се слушаат потребите на општината и да се обезбедат ресурси за нивна реализација.

Јас сум оптимист дека оваа динамика ќе продолжи и во наредниот период. Со отворена комуникација, координација и заеднички напори, можеме да постигнеме многу повеќе за граѓаните на Гази Баба, од инфраструктура и урбано уредување, до проекти за образование, спорт и култура.

Дали има разлика во комуникацијата и координацијата со новото раководство на Градот?

Стефковски: Да, дефинитивно се чувствува разлика. Со новото раководство воспоставивме поотворена, побрза и поефикасна комуникација, што веднаш се одразува на реализацијата на проектите. Соработката не е само формална – сега постои постојан дијалог, координација и навремено решавање на прашања што се важни за граѓаните на Гази Баба.

На пример, за реконструкцијата на улица „Перо Наков“ и за расчистувањето на Вардариште, процесите се значително побрзи и појасни, со конкретни рокови и јасно дефинирани одговорности. Ова го олеснува работењето на локалната самоуправа и овозможува проекти што навистина ги подобруваат условите за живот да се реализираат без одложувања.

Оваа промена во динамиката на соработка е важна и за идните проекти. Кога има отворена и професионална координација, можеме да планираме и капитални инвестиции со поголема прецизност, што значи повеќе конкретни резултати за граѓаните. Јас ја гледам оваа соработка како позитивен сигнал дека локалната и градската самоуправа можат да работат заедно на корист на сите жители, со транспарентност и ефикасност.

Како ги коментирате последните кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ?

Стефковски: Кадровските промени во секоја политичка организација се природен дел од развојот и прилагодувањето на новите предизвици. Јас ги гледам овие промени како дел од поширок процес на реорганизација, кој има за цел да ја зајакне партијата, да го подобри нејзиното функционирање и да ја подготви за предизвиците што следуваат.

Секој што работи активно во политиката знае дека промените понекогаш се неопходни за да се внесе нова енергија, свежи идеи и поширока вклученост на членството. Во тоа гледам позитивен момент – можност за подмладување, нови перспективи и појасна распределба на одговорности.

Но, истовремено, важно е кадровските одлуки да се носат транспарентно, врз основа на компетентност, посветеност и способност да се одговори на вистинските потреби на граѓаните. Тоа го препознавам во овој случај, претседателот Мицкоски покажува висок степен на транспарентност, што ја прави партијата демократска во вистинска смисла на зборот.

За мене е важно и дека во секоја кадровска промена не смее да се изгуби фокусот на суштинските работи – работа за граѓаните, реални проекти и конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат луѓето. Верувам дека кога сите што ја градат партијата ќе ги следат овие принципи, ќе излеземе посилни и пообединети.

Дали сметате дека тие се дел од поширок процес на консолидација и подмладување?

Стефковски: Да, сметам дека дел од овие кадровски промени несомнено се дел од поширок процес на консолидација и подмладување на партијата. Секоја организација што сака да биде ефикасна и релевантна мора периодично да се адаптира, да внесе свежи идеи и нова енергија, но при тоа да го зачува искуството и знаењето на долгогодишните членови.

Подмладувањето не е само статистика – тоа значи вклучување на нови членови со мотив, способност и посветеност, кои можат да донесат иновативни решенија за актуелните предизвици. Од друга страна, консолидацијата значи јасна распределба на одговорности, подобра организација и засилување на капацитетот на партијата да одговори на очекувањата на граѓаните.

Верувам дека ако се комбинираат искуството и енергијата на новите генерации, резултатот ќе биде посилна и пообединета структура, подготвена да се соочи со предизвиците на локално и национално ниво. Но, најважно е дека процесот останува транспарентен, фокусиран на компетентност и посветеност кон интересите на граѓаните.

Како овие промени ќе се одразат врз работата на локално ниво?

Стефковски: Кадровските промени во партијата можат да имаат директно влијание врз работата на локално ниво, но тоа зависи пред сè од начинот на кој се применуваат и интегрираат во тековните активности. Јас верувам дека, кога се спроведуваат одговорно и со јасни критериуми за компетентност и посветеност, тие можат да ја зајакнат ефикасноста на локалните структури.

Со нови лица на одговорни позиции се отвора можност за свежи идеи, повеќе иницијативи и побрзо решавање на конкретни проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Во исто време, важно е да се задржи континуитетот на започнатите проекти и на успешните практики што веќе функционираат на локално ниво, за да не дојде до застој или губење на квалитетот на услугите.

На крајот, ефектот од овие промени зависи од тоа како локалните тимови ќе ги применат новите ресурси, енергија и идеи во практиката. Ако се комбинира искуството на досегашните членови со свежината на новите генерации, резултатот ќе биде поефикасна и поорганизирана работа, со конкретни и видливи резултати за граѓаните. Тоа е и мојот главен фокус – да обезбедиме стабилност и континуитет, но истовремено и модернизација и динамика во работењето на општината.

Функцијата градоначалник носи голема одговорност и динамика. Како изгледа еден Ваш работен ден надвор од јавноста?

Стефковски: Работниот ден најчесто започнува рано, пред официјалните состаноци. Тоа е време кога ги прегледувам извештаите, тековните проекти и приоритетите за денот. Дел од работата што јавноста не ја гледа е токму таа подготовка – анализа, координација со службите и носење одлуки врз основа на информации и бројки.

Поголемиот дел од денот е исполнет со состаноци – со раководители, директори, претставници на месни заедници, компании, граѓани. Иако во медиумите се гледаат само дел од тие активности, реалноста е дека зад секој проект стојат десетици разговори, усогласувања и административни постапки.

Надвор од јавноста, голем дел од времето оди на решавање конкретни проблеми – од инфраструктурни зафати до индивидуални барања на граѓани. Често има и ситуации што бараат брза реакција и координација со повеќе институции. Тоа е динамика што не дозволува рутина.

Работниот ден ретко завршува во точно определено време. Често вечерите се резервирани за дополнителни средби, настани или подготовка за следниот ден. Но, без разлика на темпото, се трудам секој ден да го завршам со чувство дека сме направиле конкретен чекор напред за општината и за граѓаните.

Тоа е можеби најголемата мотивација – сознанието дека зад сите тие „невидливи“ часови работа стојат реални резултати што ги подобруваат условите за живот.

Колку Ви останува време за семејството и како тие се справуваат со јавната функција што ја извршувате?

Стефковски: Искрено, времето секогаш е најголемиот предизвик. Функцијата градоначалник не познава класично работно време – обврските често продолжуваат и по завршувањето на работниот ден, а викендите знаат да бидат исполнети со настани и средби. Сепак, свесен сум дека без семејството ништо нема вистинска смисла, па се трудам секој слободен момент да го поминам со нив.

Тие се мојата најголема поддршка. Не е лесно да се живее со човек кој постојано е изложен на јавност, критики и притисоци, но токму дома ја наоѓам стабилноста и разбирањето што ми се потребни. Научивме заедно да се прилагодуваме на динамиката што ја носи јавната функција.

Се обидувам, кога сум со нив, навистина да бидам присутен – без телефон, без паралелни разговори, без мисли за следниот состанок. Квалитетот на времето е поважен од квантитетот. Верувам дека децата и најблиските најмногу учат од примерот што го давате – од посветеноста, од чесноста и од одговорноста.

На крајот, семејството е темелот. Ако таму имате мир и поддршка, многу полесно се справувате со сите предизвици што ги носи јавната функција.

Што Ве опушта по напорен ден – спорт, читање, дружење?

Стефковски: По напорен и динамичен ден најмногу ме опушта времето поминато со семејството. Искрен разговор дома, неколку мирни моменти без телефон ми помагаат да се „ресетирам“ и да ја вратам енергијата.

Се трудам, кога имам можност, да одвојам време и за физичка активност. Дури и кратка прошетка или лесен тренинг знаат многу да помогнат. Спортот ме учи на дисциплина и издржливост, а тоа се квалитети што се важни и во работата.

Понекогаш сакам и да прочитам нешто што не е поврзано со политика – книга или текст што ќе ми го тргне фокусот од секојдневните обврски. Верувам дека човек мора да има моменти кога ќе се исклучи од функцијата и ќе се врати на себеси. Токму тие мали, мирни моменти даваат сила за нови предизвици следниот ден.

Кој совет најчесто го добивате од најблиските?

Стефковски: Најчестиот совет што го добивам од најблиските е да останам ист – приземен, достапен и искрен. Тие секогаш ме потсетуваат дека функцијата е минлива, а човекот и неговото име остануваат. Ми велат: „Не дозволувај позицијата да те оддалечи од луѓето.“

Семејството најдобро ја гледа тежината на обврските и притисокот што го носи јавната функција, па често ме советуваат и да внимавам на здравјето, да најдам време за одмор и да не дозволам динамиката на работата целосно да ме проголта. Во политиката лесно може човек да се внесе целосно и да заборави дека балансот е важен.

Ми даваат и еден многу едноставен, но силен совет – секоја одлука да ја носам со чиста совест. Кога знаете дека сте постапиле чесно и во интерес на граѓаните, тогаш можете мирно да заспиете, без разлика на критиките или притисоците. Токму тие разговори дома ми помагаат да останам стабилен и фокусиран.

На крајот, поддршката од семејството е најголемата сила. Кога знаете дека зад Вас стојат луѓе што ве сакаат не поради функцијата, туку поради тоа што сте како личност, тогаш секој предизвик е полесен.

Дали политиката Ве промени како човек?

Стефковски: Политиката сигурно влијае врз човекот, особено кога ја живеете секојдневно и кога носите одговорност како градоначалник. Не би рекол дека ме промени во суштината – вредностите со кои сум израснал, односот кон работата, почитта кон луѓето и чувството за одговорност останале исти. Но ме изгради, ме зацврсти и ме направи посвесен за тежината на секоја одлука.

Кога секој ден се соочувате со конкретни проблеми – инфраструктурни предизвици, социјални прашања, лични приказни на сограѓани – неминовно станувате потрпеливи и повнимателни. Научив дека најважно е да се слуша. Често луѓето не бараат само решение, туку и разбирање. Политиката ме научи да не реагирам импулсивно, туку да размислам подлабоко, да ги согледам сите аспекти и да донесам одлука што е во интерес на мнозинството, дури и кога тоа не е најпопуларната опција.

Исто така, ме научи на дисциплина и издржливост. Работниот ден ретко има јасно работно време, притисоците се постојани, а очекувањата големи. Во такви услови или ќе изградите карактер, или ќе се изгубите. Јас одбрав да останам доследен на себе и на принципите што ги носам од дома.

Можеби сум станал порешителен и посмирен во кризни ситуации, но суштински верувам дека човекот треба да остане ист без разлика на функцијата. Функцијата е минлива, карактерот е траен. Ако политиката нешто ме научи, тоа е дека најважно е да можеш секој ден да се погледнеш во огледало и да знаеш дека си работел чесно и одговорно.

Најнови вести од: Македонија

Луна паркот готов за една година – убава вест за најмладите, но и за повозрасните

Во врска со тоа дали смета дека проширувањето на улици е најдобар пристап во град кој веќе се соочува со сериозно загадување и прекумерна доминација на автомобили во јавниот простор, оцени дека за овој проблем има паралелен пристап, од една страна ги решаваат тесните грла во градот, од друга се обрнува внимание и на еколошкиот транспорт.

(Видео): Заев и СДСМ беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Во времето на Зоран Заев и СДСМ, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа. Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени, велат од владејачката партија.

To top