Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши. Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето. Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто, односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика. Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

Просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13% поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите, тврди министерот за економија, Бесар Дурмиши. Во потрошувачката кошничка изработена од Владата, како што изјави денеска Дурмиши, опфатени се 101 производ и таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.
- Речиси 13% оваа потрошувачка кошничка е поевтина од онаа што ја објавува ССМ. Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи што во временски период не се трошат, имаат ставено ставка за кирија, а според пописот, 90% од населението има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори, кои самите кажуваат дека тоа не е минимална кошничка – рече Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Економско-социјалниот совет.
Кошничката изработена од Владата денеска беше презентирана пред ЕСС, но за неа имало одредени забелешки, од, како што рече Дурмиши, технички карактер, но имало и предлози што ќе се разгледаат и на следната седnица на ЕСС, која се планира да се одржи до крајот на месецот, повторно ќе биде разгледана.