Бизнис

(Видео): Нема ценовен шок, имаме стабилност во снабдувањето со нафта, рече премиерот

Владата успешно се справува со економските предизвици, нема ценовен шок, инфлацијата е најниска во регионот, а приоритет останува зголемувањето на стандардот на граѓаните. Како што истакна премиерот Мицкоски, почетокот на годината носи охрабрувачки показатели – Владата и бизнис-секторот работат на стабилноста, заштитата на стандардот и на долгорочниот раст, а компаниите имаат доволно резерви за снабдување.

Почетокот на годината е охрабрувачки, според економските показатели. Владата и бизнис-секторот се фокусирани на стабилноста, заштитата на стандардот и на долгорочниот раст, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Според него, засега, како Влада, добро се справуваат со состојбата во економијата и преземаат мерки за справување со глобалните предизвици. Премиерот истакна дека нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање, а компаниите снабдувачи имаат доволно резерви.

  • Ценам дека македонската економија се движи кон состојба на консолидирање, се разбира дека нема да запрат предизвиците, тие ќе продолжат, но ние се обидуваме да ги антиципираме и да изнаоѓаме решенија за тие предизвици. Колку е државата посилна толку и бизнисот повеќе вреди. Колку е посилен бизнисот толку и државата е посилна. Затоа е многу важно да имаме ликвиден бизнис, економија што навремено ќе ги врши обврските кон државата и кон буџетот. Со исполнувањето на тие обврски и со ликвиден буџет, ние ќе може да имаме повеќе капитални инвестиции, повеќе инвестиции во земјоделството, здравството, образованието, повисоки пензии, повисоки плати… Критиките и аргументите ќе ги анализираме и таму каде што можеме да бидеме подобри, ќе се потрудиме во следната година да бидеме подобри. Задоволен сум од фактот што е двоцифрен растот на процентот на оние компании што се задоволни од бизнис- климата и дека планираат да ја прошират својата инвестиција. Се разбира дека ќе имаме предизвици, но ние, како Влада, ќе ги решиме тие предизвици, бидејќи со секое евро вложено во земјата, растат имотите на компаниите, а расте и економијата – изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека и покрај сите предизвици, нема ценовен шок и стабилноста во снабдувањето со нафта и нафтени деривати никогаш не била доведена во прашање.

  • Во моментов, поголем е притисокот од граѓаните од соседните земји што доаѓаат кај нас во пограничните региони да ги наполнат резервоарите на своите возила. Но, и покрај тој притисок, имаме доволно резерви и компаниите што вршат снабдување на пазарот имаат доволно резерви. Во делот на инфлацијата, во февруари годинава во однос на февруари лани таа порасна само за 2,9 отсто и имаме најниска инфлација во регионот – изјави Мицкоски.

Според премиерот, сите индикатори се позитивни и главен приоритет на Владата ќе биде зголемувањето на стандардот на граѓаните. Мицкоски рече дека има јасни пораки и аргументи, кои ќе ги изнесе на состанокот со трговците и со претставниците на маркетите.

  • Со синџирите маркети ќе разговараме за предизвиците со кои се соочуваат, сè со цел да не дојде до драматично зголемување на инфлацијата, односно трошоците за живот. Во таа насока, ќе споменам уште еден позитивен параметар, а тоа е намалување на трошоците на мало за 1,6 отсто во февруари, што значи дека се смирува и базичната инфлација – рече Мицкоски.

Премиерот очекува, во овие предизвикувачки услови, сите да се однесуваме одговорно и во заштита на стандардот на граѓаните. Во однос на барањата на другите политички партии за преземање мерки за цените на горивата и за заштита на стандардот на граѓаните, Мицкоски рече дека во овој момент нема предизвик што би го загрозил нормалното функционирање на системот. Тој рече дека предлозите од опозицијата и од другите политички партии Владата ќе ги земе предвид.

Најнови вести од: Бизнис

Димитриеска-Кочоска: Бројките ја покажуваат реалната состојба, резултатите се видливи

Според министерката стабилност на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст се основата на која ја темели економската политика што ја креира и спроведува Владата, а ефектите се гледаат и во економските показатели

„Теса енерџи“ ја пушти во употреба новата когенеративна постројка на Топлана Скопје Север, инвестиција од 2,5 милиони евра

Управителот на „TESSA Energy“ вели дека ова е само првата фаза, а веќе во втората фаза се планира нова инвестиција од 10 милиони евра, а целта е да се создаде современ енергетски центар

„Фич“ повторно го потврди кредитниот рејтинг ББ+ за Македонија

Во најновиот извештај „Фич“ констатира дека македонската економија покажува отпорност и дека реалниот економски раст забрза на 4,3% во вториот квартал од 2026 година, поттикнат од силните резултати во градежништвото и преработувачката индустрија

Грин Машинс го зајакнува присуството на американскиот пазар – ГМ720зе и ГМ500зе претставени на саем во Хјустон

Присуството во Хјустон беше можност Грин Машинс да ги претстави своите целосно електрични решенија за урбано чистење пред американската професионална јавност

Е-фактурата носи ново ниво на дигитализација и поголема правна сигурност за компаниите

Електронската фактура претставува една од најзначајните дигитални реформи што ја спроведува Управата за јавни приходи. Нејзината цел не е само да ја замени хартиената фактура со електронска, туку да воспостави целосно нов модел на дигитална комуникација помеѓу компаниите и даночната администрација. Со оваа реформа создаваме побрзи процеси, поголема правна сигурност, подобра даночна усогласеност и значително помал административен товар за компаниите.

To top