Македонија

Надеж и храброст – преживеаните од „Пулс“ повторно заедно на кошаркарски терен

„Животот продолжува, а секој нов ден е нова борба за подобра иднина“

„Животот продолжува, а секој нов ден е нова борба за подобра иднина“. Вака, во една реченица, 36-годишниот кочанчанец Драган Давитковски, еден од повредените, го опишува периодот од несреќата во Пулс до денеска. Тој се бори со лузните, но и со сликите кои го прогонуваат од таа кобна ноќ. Во пожарот изгубил двајца пријатели со кои заедно излегле. Вели дека денеска, во нивна чест, но и во чест на сите кои го загубија животот, учествува на кошарскиот натпревар меѓу повредените кои се лекуваа во Македонија и странство.

„Животот продолжува понатаму. Имам уште неколку повреди. Се лекуваме… имам повреди, изгореници. Имав внатрешни повреди. Одам во Скопје, на ласер. Доаѓаат пулмолози во Кочани, редовно нè прегледуваа… Бевме на концерт, отидовме околу 1.30 и за жал, после еден час се случи тоа што се случи. Бев со сопругата, другари. За жал, двајца од нашата маса починаа“, изјави Драган Давитковски, повреден во несреќата во дискотеката Пулс.

Денешниот кошаркарски натпревар меѓу повредените кои се лекуваа во државата и странство е можност младите луѓе да покажат што постигнале во текот на рехабилитацијата. Воедно, кошарката како тимски спорт испраќа силна порака – дека и по тешките моменти тие продолжуваат да се поддржуваат и функционираат како тим.

„Многу од нив се познаваат и во целиот процес се зближија. Голем дел од нив се во публиката денес и на нас ни е гордост како општество, како институции, што се живи, што продолжуваат со нивниот живот, што се враќаат на нивните секојдневни активности, особено на спортот. Со оглед на тоа дека имаат изгореници на рацете, ова е еден вид физикална терапија за нив“, изјави директорката на ОБ-Кочани, Катерина Паниќ-Мирчовска.

Во рамки на тридневното одбележување на годишнината од трагедијата беа организирани неколку спортски активности – велосипедска и атлетска рекреативна тура.

„Започнуваме со неколку рути, сè со цел да им оддадеме почит на прерано загинатите, но и да им дадеме поддршка на повредените… Околу 500 учесници се најавени за денеска. На Пониква имаме уште еден настан, над 500 учесници – планинарска рута“, изјави градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.

Средствата собрани од кошаркарскиот натпревар ќе бидат наменети за изградба на споменик за жртвите во пожарот во дискотеката Пулс.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top