Фудбалската федерација на Македонија го претстави дресот на македонската репрезентација од реномираниот производител на спортска опрема „Адидас“, со кој „црвено-жолтите“ ќе настапат во претстојниот бараж со Данска за Светското првенство во САД, Канада и Мексико, закажан за 26 март од 20:45 часот во Копенхаген.
„По деценија тишина – повторно во жолто.
Боја што не е само избор, туку чувство.
Боја што ја баравте. И ја враќаме – заедно.
За плеј-оф битките за Светско првенство, македонската репрезентација ќе настапи во нов дрес.
Adidas за #НапредМакедонија
“, објави ФФМ на социјалните мрежи.
„Станува збор за опрема која е наменета исклучиво за користење на овие натпревари. Во мај, официјално ќе биде промовирана комплет опремата на македонската репрезентација од КАС програмата“, додаваат од македонската куќа на фудбалот.
Ако ја поминат Данска, избраниците на селекторот Гоце Седлоски со истиот дрес ќе му излезат на мегдан и на победникот од двомечот Чешка – Република Ирска во финалето од разигрувањето за историски прв пласман на мундијалите.