Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди со оптимизам го очекува утрешниот натпревар против Данска во Копенхаген во полуфиналето од мундијалскиот бараж.
„Добро ги анализиравме и ги подготвивме сите детали. Свесни сме против кого играме и што не чека, но и ние имаме свои адути“, изјави Барди на вечерашната официјална прес конференција во Копенхаген.
Македонскиот капитен истакна дека мотивацијата во репрезентацијата е на највисоко ниво, а дебитантите и повратниците во составот одлично се вклопиле.
„По претходните натпревари извлековме важни лекции и тие ни помогнаа да се подобриме како тим. Новите играчи се вклопија одлично и атмосферата во тимот е на високо ниво, функционираме како едно. Во вакви натпревари мотивацијата никогаш не недостасува. Потценувањето само дополнително нè мотивира. Поддршката од навивачите секогаш ја чувствуваме и ќе дадеме сè од себе да ги направиме горди.“, додаде Барди.