Македонија

Објавена Заедничка изјава за стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД – јакнење на соработката во клучни области, енергетиката и економијата, одбраната и безбедноста

Владите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави денеска објавија Заедничка изјава по одржувањето на вториот состанок за стратегискиот дијалог во Вашингтон, предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау. Заедничката изјава е достапна на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со Заедничката изјава се реафирмира заедничката определба за натамошно продлабочување на стратегиското партнерство и унапредување на мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Во изјавата се нагласува зајакнатата соработка во клучни области, вклучително енергетиката и економијата, одбраната и безбедноста во рамки на НАТО, како и кибернетичката и дигиталната отпорност. Посебна нагласка е ставена на енергетската диверзификација и зголемувањето на сигурноста на снабдувањето со природен гас, како и на унапредувањето на инвестициската клима и трговските односи .

-Двете земји ја потврдуваат заедничката посветеност за зајакнување на одбранбените капацитети и придонесот во рамки на НАТО, како и за поддршка на Украина. Се предвидуваат конкретни активности за унапредување на кибернетичката безбедност преку техничка помош, проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети – соопшти Министерството.

Во поглед на безбедноста во Заедничката изјава се нагласува и засилувањето на соработката во справувањето со прекуграничниот криминал, нелегалната миграција и зајакнувањето на граничната безбедност, со конкретна финансиска и техничка поддршка за институциите. Во рамки на дијалогот биле договорени иницијативи за заштита на културното наследство, како и за унапредување на мобилноста на граѓаните преку приклучување кон програмите за доверливи патници.

Од МНРиНТ посочуваат дека стратегискиот дијалог претставува значаен исчекор во зацврстувањето на трансатлантските врски и ја потврдува улогата на Македонија како доверлив сојузник и партнер на Соединетите Американски Држави.

Најнови вести од: Македонија

Користење фосилни горива во Европа и Македонија

Македонија емитува околу 6,6 до 7,3 милиони тони CO2 во апсолутен износ на годишно ниво. Кога оваа бројка ќе се подели со бројот на жители, се добиваат емисиите на СО2 во тони по жител на годишно ниво и тие изнесуваат 3,5 до 3,6 тони, а тоа е значително подобро од просекот на ЕУ кој изнесува околу 5,5 тони, пишува во колумна професорот Ристо Цицонков.

To top