Новиот премиер на Бугарија Румен Радев на својот прв настап на самитот на Европскиот совет зазеде борбен став сличен на оној што порано го имаше поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и веднаш покажа подготвеност да го искористи правото на вето на предложениот 21 пакет санкции на Европската Унија против Русија, пишува бриселскиот портал ЕУалајв.
Обраќајќи им се на новинарите пред почетокот на самитот, Радев изјави дека Софија ќе стави вето доколку патријархот на Руската православна црква, Кирил, не биде отстранет од листата на санкционирани лица.
Радев нагласи дека не треба да се мешаат политиката и верата, повикувајќи се и на заедничкото православно наследство меѓу Бугарија и Русија.
„Ерата на крстоносните војни е завршена. Лично не сум заинтересиран за патријархот Кирил, но сум заинтересиран за Руската православна црква“, изјави Радев, додавајќи дека токму таа, според него, имала важна улога во ослободувањето на Бугарија од османлиската власт.
Тој посочи и дека санкциите претставуваат економски ризик за Бугарија, наведувајќи го нивното влијание врз рафинеријата на Лукоил во Бургас, резервните делови за метрото во Софија, снабдувањето со ѓубрива и работата на нуклеарните централи.
Новиот пакет санкции ги опфаќа енергетскиот сектор, активностите на руската „флота во сенка“ и високи личности, меѓу кои и патријархот Кирил. Поради бугарските забелешки, се очекува ново одложување на усвојувањето на пакетот најмалку до јули, кога министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе се обидат да постигнат договор.
По изјавите на Радев, Бугарија се наметна како нов предизвик за европското единство во однос на Русија, откако промената на власта во Унгарија го намали влијанието на сега поранешниот премиер Виктор Орбан.
Аналитичари и дипломати отворено се прашуваат дали руско-скептичниот популист Радев, по големата победа на изборите во Бугарија ќе го пополни „дестабилизирачкиот“ вакуум во Европскиот совет.
И покрај острата реторика околу новите санкции, Бугарија не го блокираше поширокиот европски консензус. Лидерите на ЕУ, меѓу кои и Радев, ги усвоија заклучоците за Украина, европската одбрана и безбедноста, како и рутинското продолжување на постојните санкции кон Русија.
Радев исто така ги поддржа и преговорите за членство на Украина во Европската Унија.