Бизнис

Од држава со една влезна точка за природен гас, стануваме држава со извори на снабдување, вели директорот на НОМАГАС

НОМАГАС, како оператор на националниот гасопреносен систем, има важна улога во енергетската транзиција преку развој на сигурна и модерна инфраструктура која денес обезбедува пристап до природен гас, а во иднина може да претставува основа и за интеграција на нискојаглеродни гасови, вклучително и водород, во согласност со технолошкиот развој и европските енергетски политики.

По последните работни средби меѓу Министерството за енергетика, НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА беше соопштено дека завршувањето на гасниот интерконектор со Грција се очекува следната година. Како напредуваат активностите од двете страни на границата?

Рама: Интерконекторот со Грција е еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти за државата и неговата реализација се одвива во тесна координација со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, грчкиот оператор ДЕСФА и НОМАГАС. На последната средба ги разгледавме тековните активности на двете страни од границата, динамиката на изградбата и следните чекори за реализација на договорните обврски. Клучно е што постои јасна заедничка определба проектот да се реализира во согласност со утврдените рокови, преку интензивна институционална и оперативна координација, вели Рама за Фактор.

Овој интерконектор ќе ѝ овозможи на Северна Македонија нов, сигурен и диверзифициран пристап до природен гас преку грчката гасоводна мрежа. Тоа значи дека државата постепено излегува од моделот на зависност од една влезна точка и се движи кон систем со повеќе правци, повеќе извори и поголема енергетска флексибилност. Дополнително, во рамки на разговорите беше отворена и темата за „Вертикалниот гасен коридор“, кој има значење не само за Северна Македонија, туку и за регионот, бидејќи овозможува подобро поврзување на националните пазари со пошироките европски енергетски текови.

Во која фаза е изградбата на интерконекторот со Грција и кои се клучните активности на терен?

Рама: Интерконекторот со Грција е во фаза на изградба. Активностите поврзани со имотно-правните прашања, односно експропријацијата, закупите и надоместите за штети, се речиси целосно завршени. Останува да се реши само мал дел од трасата, од околу три километри. Над 85 проценти од трасата е веќе исчистена и подготвена за инсталација на цевките. Изработени се и најголем дел од премините под патишта, 6 од вкупно 7 и други подготвителни активности што се неопходни за непречена изградба. Производството на цевки е целосно завршено. Досега се пристигнати околу 34 километри цевки, од кои речиси 13,7 километри се веќе заварени, а околу 6,3 километри се положени во ров. Дополнително, набавени се околу 65 проценти од придружните објекти, како што се блок-станиците.

Иако досегашната реализација се одвиваше со нешто побавна динамика, поради што е можно мало пролонгирање на завршувањето на изградбата. Во овој момент активностите значително забрзаа и веруваме дека во иднина нема да има значителни проблеми што би можеле суштински да влијаат врз реализацијата на проектот.

Колку интерконекторот со Грција ќе ја промени позицијата на Македонија во снабдувањето со природен гас, имајќи предвид дека обезбедува поврзување со грчката гасоводна мрежа и пристап до алтернативни извори?

Рама: Интерконекторот со Грција претставува еден од најзначајните енергетски проекти за Северна Македонија во последните децении. Со него земјата ќе се поврзе со грчката национална гасоводна мрежа преку главната гасна крстосница на ДЕСФА кај Неа Месимврија, што ќе овозможи пристап до повеќе извори на природен гас, како и до регионалниот и европскиот пазар. Оваа интерконекција значително ќе ја подобри сигурноста на снабдувањето, затоа што Северна Македонија повеќе нема да зависи од само една рута за транспорт на природен гас. Истовремено, ќе се создадат услови за поголема конкуренција меѓу снабдувачите и поголема флексибилност на пазарот.

Дополнително, проектот ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас, вклучително и до LNG терминалите во Грција. Тоа ќе придонесе за диверзификација на снабдувањето не само за Северна Македонија, туку и за поширокиот регион. Затоа, интерконекторот со Грција не е само нов гасовод, туку стратешка инфраструктура што ја зајакнува енергетската безбедност, ја зголемува отпорноста на системот и ја подобрува интеграцијата на земјата во регионалниот енергетски пазар.

Тендерската постапка за интерконективниот гасовод Северна Македонија – Србија е во тек. Според развојните документи, станува збор за делница од околу 24 километри и планиран капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно. Кои се очекуваните следни чекори за избор на изведувач, почеток на работите и изградба на овој гасовод?

Рама: Согласно тековната динамика, постапката за избор на изведувач е во важна фаза. По отворањето на понудите, следува нивна евалуација, а очекувањето е таа да заврши во текот на јули. Потоа треба да се донесе одлука и да се потпише договор со избраниот изведувач.

Доколку постапката се одвива согласно планираните рокови, очекуваме изведувачот да биде воведен во работа во текот на август, со што би започнале подготвителните активности за реализација на проектот. Паралелно се спроведува и постапката за избор на надзор над изградбата, со цел навремено започнување и квалитетна реализација на проектот, согласно предвидените технички и безбедносни стандарди. Станува збор за изградба на двонасочен гасовод за пренос на природен гас, со приближна должина од 24 километри, кој ќе ги поврзе системите за пренос на природен гас во Македонија и Србија. Проектираниот капацитет на новиот гасовод е околу 1,4 милијарди кубни метри годишно. Ова е еден од клучните инфраструктурни проекти во гасниот сектор, кој ќе придонесе за дополнителна диверзификација на правците за снабдување и зајакнување на енергетската сигурност на државата.

Какво е стратешкото значење на гасоводот кон Србија за земјата, не само како нов правец за снабдување, туку и како можност за регионален транзит и поголема енергетска флексибилност?

Рама: Интерконекторот со Србија има стратешко значење бидејќи дополнително ја зајакнува сигурноста на снабдувањето со природен гас преку воспоставување нова рута за поврзување со регионалниот и европскиот пазар. Заедно со интерконекторот со Грција, тој овозможува диверзификација на правците за снабдување и намалување на зависноста од единствен транспортен коридор.

Покрај енергетските придобивки, проектот има и значајна економска димензија. Поврзувањето со соседните земји создава предуслови Северна Македонија да стане дел од регионалните текови на природен гас, што во иднина може да овозможи дополнителни приходи од транзит и поефикасно користење на националниот гасопреносен систем. Интерконекторите со Србија и Грција придонесуваат и за поголема интеграција на домашниот пазар со регионалниот пазар на природен гас. Поголемата поврзаност, пристапот до повеќе извори на снабдување и зголемената конкуренција меѓу снабдувачите создаваат услови за поголема флексибилност и отпорност на системот на долг рок. Од поширок аспект, развојот на оваа инфраструктура ќе придонесе за економски развој, подобрување на условите за инвестирање и поддршка на процесот на енергетска транзиција кон почисти извори на енергија.

ЕБОР е вклучена во регионалниот гасификациски проект со заем до 98,6 милиони евра за НОМАГАС, кој опфаќа 100 проценти hydrogen-ready интерконекција со Грција и делниците Гостивар – Кичево и Свети Николе – Велес. Што значи оваа поддршка за динамиката, стандардите и долгорочната одржливост на проектите?

Рама: Поддршката од ЕБОР е од исклучително значење бидејќи обезбедува не само финансиски средства за реализација на проектите, туку и примена на високи меѓународни стандарди во нивното проектирање, изградба и управување. Со ЕБОР беше потпишан договор за финансирање за реализација на три стратешки проекти: интерконекторот со Грција и делниците Гостивар – Кичево и Свети Николе – Велес. Интерконекторот со Грција веќе е во фаза на изградба, делницата Свети Николе – Велес е во завршна фаза на проектирање, додека за делницата Гостивар – Кичево се преземаат активности за подготовка на проектната документација.

Особено е важно што овие проекти се развиваат според концептот „hydrogen-ready“, што значи дека инфраструктурата се проектира така што во иднина ќе може да овозможи интеграција на водород како енергенс. Тоа е дел од поширокото усогласување на националната енергетска политика со европските цели за декарбонизација и енергетска транзиција.

Во Планот за енергија и клима се предвидува постепено воведување на нискојаглеродни гасови, вклучително и водород. Затоа новите гасоводи се проектираат така што во почетната фаза ќе можат да пренесуваат мешавини од природен гас и водород, а во иднина и поголеми количини на водород, во согласност со техничките и регулаторните услови. На овој начин се обезбедува долгорочна одржливост на инвестициите и се создава инфраструктура што ќе може да ги поддржи идните потреби на енергетскиот сектор во Македонија и во регионот.

НОМАГАС најавува модернизација и проширување на преносниот систем. Кои делници и инвестиции ќе бидат приоритет во следниот период и како тие ќе влијаат врз индустријата и потрошувачите?

Рама: НОМАГАС работи на модернизација на постојниот преносен систем преку реконструкција и унапредување на блок-станиците на постојниот гасовод од Бугарија, воведување современи електронски мерни системи на влезната точка ГМС Жидилово, како и подготовка за имплементација на нов SCADA систем за мониторинг и управување со гасопреносната мрежа.

Паралелно со тоа, наш главен приоритет е изградбата на делниците од таканаречениот Вертикален гасен коридор, односно интерконекторите со Грција и Србија. Овие проекти ќе овозможат поврзување со нови пазари и извори на природен гас, што е од клучно значење за сигурноста и диверзификацијата на снабдувањето.

Во следната фаза, фокусот ќе биде ставен на реализација на делниците Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, Кичево – Охрид и Охрид – Битола, со што практично ќе се заокружи националната гасопреносна мрежа. За индустријата, овие инвестиции значат посигурно снабдување, поголема достапност на природен гас и подобри услови за нови инвестиции и економски развој. За потрошувачите, придобивките се индиректни, преку поголема енергетска сигурност, подобрување на квалитетот на воздухот и создавање услови за поконкурентен пазар на природен гас во иднина.

Воедно би сакале да наведеме дека НОМАГАС АД Скопје во моментов работи на заполнување и пуштање во употреба на гасоводот од Клечовце преку Неготино и Прилеп до Битола. НОМАГАС го отвара повторно проектот за гасно поврзување со Косово, кој покрај за Друштвото е значаен и за државата, поради што се предвитува транзит на гас кон Косово.

Гасната инфраструктура сè повеќе се поврзува и со идните нискојаглеродни решенија. Колку новите гасоводи се подготвени за транспорт на водород и каква улога може да има НОМАГАС во енергетската транзиција?

Рама: Природниот гас претставува транзициско гориво кое овозможува значително намалување на емисиите на штетни материи и ја

глерод диоксид во споредба со јагленот, мазутот и другите цврсти горива кои сè уште имаат значително учество во енергетскиот сектор во Северна Македонија. Развојот на гасоводната мрежа ќе овозможи поширока употреба на природниот гас во индустријата, енергетиката и домаќинствата, што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Истовремено, современите гасоводни системи се проектираат во согласност со европските стандарди кои овозможуваат во иднина транспорт на мешавини од природен гас и водород, а во одредени случаи и транспорт на поголем удел на водород по соодветни технички анализи и прилагодувања.

НОМАГАС, како оператор на националниот гасопреносен систем, има важна улога во енергетската транзиција преку развој на сигурна и модерна инфраструктура која денес обезбедува пристап до природен гас, а во иднина може да претставува основа и за интеграција на нискојаглеродни гасови, вклучително и водород, во согласност со технолошкиот развој и европските енергетски политики.

Најнови вести од: Бизнис

Фирмите и инфлуенсерите ќе треба да добијат дозвола за giveaway игрите

Законот ги дефинира и поимите „лајкување” и „тагнување” како влог за учество во овие игри на среќа. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето претставува означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта.

„Тиквеш“ го унапредува одржливото лозарство преку партнерство со лозарите, знаење и иновации

Во рамки на долгорочната платформа за стратешката соработка со лозарите, Винарската визба „Тиквеш“ ја одржа традиционалната годишна средба со своите кооперанти, која годинава беше посветена на развојот на одржливото лозарство и примената на современи технологии и практики што овозможуваат производство на поквалитетно грозје, поефикасно користење на природните ресурси, заштита на животната средина и на биодиверзитетот и поголема отпорност на лозовите насади на климатските промени.

Николоски: Со железничката обиколница Македонија ќе биде поатрактивна за карго сообраќај

Тоа е добро и за Гевгелија затоа што Коридорот 10 поминува токму тука низ градов и уште еден проект кој заеднички го сработивме, многу ќе помогне и за Гевгелија, тоа е дека воведовме „ONE STOP SHOP“ на железничката граница помеѓу Македонија и Грција

Економисти: Пад на цените во јуни и годишната инфлација од 3,4%, позитивниот тренд се очекува да продолжи

Последниот месец притисокот повеќе не e кај храната, туку и кај транспортот, тутунот, горивата и дел од услугите. Бидејќи сме мала и отворена економија, секој надворешен шок – нафта, енергија, конфликти или нарушени синџири на снабдување, брзо може да се пренесе врз домашните цени. Затоа треба смиреност, но и внимателна економска политика дома, вели експертската фела.

Независноста е главниот предуслов за успешно спроведување на мандатот на Народна банка

Народната банка ја нагласи својата постојана заложба за унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето, заради дополнително зајакнување на довербата кај јавноста и кај сите засегнати страни.

To top