Македонија направи еден од најзначајните чекори во својата енергетска политика во последната деценија. За првпат националниот оператор за пренос на природен гас НОМАГАС учествуваше на состанокот на операторите на системите за пренос на природен гас што се одржа на 10 јули во Атина, со што земјата официјално се приклучува кон процесот на проширување на иницијативата „Вертикален коридор“. На средбата, покрај НОМАГАС и српскиот оператор „Транспортгас“-Србија, учествуваа и операторите ДЕСФА (Грција), „Булгартрансгас“ (Бугарија), „Трансгаз“ (Романија), „Вестмолдтрансгаз“ (Молдавија), ФГСЗ (Унгарија), „Еустрим“ (Словачка), ГТСОУ (Украина), како и независните оператори „Гастрејд“ и ИЦГБ. На средбата, споменатите компании беа претставени од нивните извршни директори и високи менаџери, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.
Договорено формирање заедничка техничка и комерцијална работна група
Според договореното, следува формирање заедничка техничка и комерцијална работна група, која ќе ги анализира расположливите транспортни капацитети, интерконекциските точки, инфраструктурните проекти и динамиката на нивната реализација. Истовремено ќе започне и подготовката на проширен меморандум за разбирање што треба да ја дефинира идната соработка.За првпат, Македонија ќе биде дел од процесот на регионално планирање на гасната инфраструктура наместо само корисник на веќе донесени одлуки.– Учеството на НОМАГАС во разговорите во рамките на „Вертикалниот коридор“ е важен чекор кон вклучување на Македонија во пошироката регионална енергетска мрежа. За нас ова значи навремена координација на развојот на домашниот систем со интерконекторите кон Грција и Србија и создавање услови за пристап до повеќе извори и повеќе правци на снабдување – изјави извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама.На дел од состанокот присуствуваа и грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру и бугарската министерка за енергетика Ива Петрова, кои ја поздравија одлуката Македонија и Србија да станат дел од новата регионална енергетска архитектура. Во практична смисла, за Македонија тоа значи дека развојот на интерконекторот со Грција и подготовките за интерконекторот со Србија добиваат дополнителна стратешка тежина. Наместо државата да зависи од една влезна точка за снабдување, во иднина ќе може да пристапува до повеќе пазари, повеќе снабдувачи и до различни транспортни правци.
Регионот гледа многу подалеку од еден гасовод
Интересно е што регионалните медиуми речиси воопшто не известуваат за состанокот како за уште една рутинска средба.Грчкиот „Грик сити тајмс“ оценува дека проширувањето на „Вертикалниот коридор“ претставува „голем чекор во ширењето на енергетската соработка кон Централна Европа“, нагласувајќи дека најголемиот дел од инфраструктурата веќе постои и дека сега следува нејзино подобро поврзување и оптимизација.Романскиот портал „Медиа уно“ пишува дека приклучувањето на Македонија и Србија ја создава „новата западнобалканска гранка“ на европскиот гасен систем и дополнително ја зајакнува можноста гасот од грчките ЛНГ-терминали да стигнува до Централна Европа.Грчкиот економски весник „Катимерини“ оди чекор понатаму и потсетува дека комерцијалните тестирања на коридорот веќе покажуваат сериозен интерес од пазарот, со резервирани повеќе од 45 проценти од расположливите транспортни капацитети.Практично, регионалните анализи покажуваат дека Македонија не се приклучува на проект што допрва треба да започне, туку на иницијатива што веќе функционира и која сега се проширува кон Западен Балкан.
Што е всушност „Вертикалниот коридор“?
И покрај името, „Вертикалниот коридор“ не е нов гасовод. Станува збор за европска иницијатива што ги поврзува постојните национални гасоводи, интерконектори, ЛНГ-терминали и прекугранични системи во единствен транспортен правец од југ кон север. Неколку значајни показатели за тоа што значи т.н. Вертикален коридор.Имено, тој:– не се гради како нов цевковод, туку се поврзуваат повеќе постојни системи;– почетна точка се ЛНГ-терминалите во Грција и грчката гасна мрежа;– преку Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Унгарија и Словачка гасот стигнува до Централна Европа;– со новото проширување, кон системот се приклучуваат Македонија и Србија како западнобалканска гранка;– целта е Европа да има повеќе извори на снабдување, поголема отпорност на кризи и помала зависност од еден доминантен снабдувач.· Учествуваат 10 држави и оператори во иницијативата;· 2 нови земји се Македонија и Србија;· 2 нови интерконектори клучни за Македонија се Грција и Србија;· Со „Вертикалниот коридор“ ќе постојат повеќе извори на гас (ЛНГ) како Азербејџан, источен Медитеран и други.
Што би значел „Вертикалниот коридор“ за Македонија?
Иако јавноста најчесто го доживува природниот гас како уште еден енергент, во европската политика тој одамна претставува прашање на национална безбедност. Досега Македонија практично зависеше од една маршрута за снабдување преку Бугарија. Тоа значеше ограничен избор на снабдувачи, ограничена конкуренција и поголема изложеност на евентуални прекини. Со интерконекторот со Грција, земјата ќе добие пристап до течниот гас (ЛНГ), кој пристигнува во грчките терминали од САД, Катар, Египет, Алжир и од други светски производители. Во комбинација со идниот интерконектор кон Србија, Македонија ќе стане дел од поширока европска мрежа во која гасот ќе може да се движи во повеќе насоки. Тоа не значи автоматски поевтин гас. Цената ќе продолжи да ја определува пазарот. Но тоа би требало да значи значително поголема сигурност на снабдувањето, можност за конкуренција меѓу повеќе трговци и помал ризик од политички или инфраструктурни прекини. Дополнително, Македонија може да ја засили својата улога како транзитна земја меѓу јужниот и централниот дел на Балканот, што носи и економски и геостратешки придобивки.
Временска линија на иницијативата „Вертикален коридор“:
– 2023 година – започнува иницијативата за „Вертикалниот коридор“;– 2024-2025 година – се приклучуваат нови оператори и се развиваат ЛНГ-терминалите;– 10 јули 2026 година – Македонија и Србија за првпат учествуваат на состанокот во Атина;– следна фаза – техничка работна група и проширување на меморандумот.