Пишува: Свето Тоевски
„Како Македонец на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас, Македонците, да нѐ прашаат за сите прашања, што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи…Соседите мора да се помират со тоа дека Македонците се тука, оти постојат и дека имаат свои, македонски национални чувства. Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзервативизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам.“ – овие вонвременски мисли ги има искажано еден од основоположниците на македонизмот Крсте Петков Мисирков во две негови статии за македонското национално самоопределување на македонскиот народ, кои се објавени во весникот „Мир“ во март 1925 година.

Мисирков е еден од најзначајните ликови во историјата на македонското национално движење и веројатно е меѓу најзаслужните национални дејци за македонското национално самоосознавање, за будењето на македонската национална свест. Тој е македонски национален мислител од највисок ранг и втемелувач на филозофијата на македонизмот како филозофија на човековата слобода, крената на највисокото рамниште на хуманизмот. Мисирков не е единствениот, но е еден од најбележитите духовни воини за поставувањето, определувањето и целинското решавање на Македонското прашање во двете негови составки: национално-политичката и јазичната составка. Тој е роден на 18 ноември 1874 година во селото Постол, во Ениџе Вардарско, во Егејскиот дел на Македонија, во денешна Грција..

Завештанието на Мисирков до секое македонско поколение да ги чува својата македонска свест и чувство над сѐ друго
Од неизмерно значење за афирмацијата и одбраната на на македонската етничка засебност не само во Балканот, туку и во европски и светски рамки, останува пораката на Крсте Мисирков, која е и своевиден негов аманет до секое идно македонско поколение: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго во светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме блискоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сè треба да биде оценувано од македонско гледиште.“ (Крсте Петков Мисирков, статија „Самоопределувањето на Македонците”, објавена во весникот “Мир” на 25 март 1925 година).

„За македонцките работи“ уште пред 123 години ја разобличи асимилаторската политика на Грција и Бугарија против македонскиот народ и неговиот етнички, јазичен и културен идентитет
Остварувањето на идејата за одделен македонски јазик е разработено во книгата „За македонцките работи“ на Мисирков, објавена во Софија во 1903 година. Во неа Мисирков како исклучителен го издвојува јазикот, преку кој македонскиот народ може да се разграничи и да се доживее себеси како посебен етнички и јазичен ентитет. Во „За македонцките работи“ Мисирков уточнето ја согледува улогата на јазикот не само како средство за јазична комуникација, туку и како инструмент, преку кој што се усвојува и се пренесува колективното паметење на народот и неговата културна традиција. За Мисирков јазикот на еден народ е негово богатство и наследство. „Да го сочува некој својот народен јазик и да го брани како светиња значи да се остане верен на духот на своите прадедовци и да се уважи се што тие имаат направено за своето потомство.“ – ќе истакне Мисирков во „За македонцките работи“.

Оваа капитална македонистичка студија е политичка анализа на положбата на македонскиот народ, но и и предлог-програма за македонското народноослободително движење и за создавање самостојна македонска држава.

Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

Денес, кога најжестоките напади се вршат токму врз македонскиот јазик од Бугарија и Грција, од исклучително значење е и следниов став на Мисирков: „Не случајно покорителите инсистираат покорените да се откажат од својот јазик, затоа да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже и од својот народен дух“
Оваа теза на Мисирков е негов завет Македонецот никогаш да не се откаже од својот македонски народен дух и македонски народен јазик, но и да ги вложува сите свои усилби да ги зачува од секакви угрози.
(продолжува)
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)