Колумни

Македонистичкото дело на Мјечислав Малецки – бедем пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет

Истражувањата на полскиот славист Мјечислав Малецки претставуваат непобитен научен доказ за автохтоноста и посебноста на македонскиот јазик. Наспроти повеќедецениските организирани политички напади и фалсификати, кои доаѓаат од одредени кругови, делото на овој светски признат лингвист уште во првата половина на XX век ја зацврсти позицијата на македонистиката на меѓународно ниво. Од една страна стојат произволните толкувања и веќе државна доктрина на негација и фалсификати од страна на Бугарската академија на науки и на официјална Софија во врска со „бугарските темели“ на македонскиот јазик, или за неговата „измисленост како јазик во 1944/1945 година“. Од друга страна стои научната вистина за овој најважен столб на македонскиот идентитет, која се потпира исклучиво врз лингвистички факти и домашни и меѓународни теренски истражувања, кои траат многу повеќе од еден век. Полскиот македонист Мјечислав Малецки починал на денешен ден, на 3 септември 1946 година. Ова е пригода за ново навраќање кон неговото македонистичко научно дело, кое е бедем, пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет.

Пишува: Свето Тоевски

Научните аргументи на Малецки за засебноста на македонскиот јазик

Во својата капитална научна студија „За прашањата на македонската дијалектологија“ („Z zagadnieniеn dialektologii macedońskiej“), објавена во 1938 година, Мјечислав Малецки (14 јули 1903 -3 септември 1946) донесува јасен и строго научен заклучок без простор за каква било политичка конотација: „Во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски ниту бугарски, но дека повеќето од нив му припаѓаат на поединечен дијалект, што може да се нарече македонски јазик.“ Врз основа на своите теренски лингвистички истражувања во Егејскиот дел на Македонија, во селата во Сухо и Висока, во непосредната околина на Солун, овој полски македонист докажува дека македонскиот јазик поседува сопствен историски и структурен континуитет.

Со тоа тој директно ја засилува „Македонската теорија“, според која токму македонските говори од околината на Солун ја чинат основата на првиот словенски книжевен јазик — старословенскиот. Затоа во својата научна студија со наслов „Најстариот словенски книжевен јазик“, објавена во 1947 година, Малецки го означува македонскиот јазик со неговите дијалекти како најстар словенски книжевен јазик! А Бугарите „докажуваат“ дека е „современ, без историски корени во минатото“. Кога ги посетил во 1933 година селата Суха и Висока, на околу 10 километри оддалечени од Солун, утврдил дека „голем број од населението не се идентификувало себеси како Бугари, ниту го знаело грчкиот јазик“. 

Д-р Спас Ташев, професор во Институтот за истражување на населението и човекот при Бугарската академија на науки (БАН)

Најновите негирања и поглед на досегашните ставови на Спас Ташев

Наспроти строгата славистичка и македонистичка наука на Малецки, продолжува политички тренд на негирање на македонскиот јазик. Најнов пример за ова е текстот на професорот Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН), објавен на 2 септември 2026 година во бугарскиот медиум „Труд“, под наслов „Дали го забранил султанот името Македонија во текот на 1903 година?“. „Анализирајќи“ го „административниот контекст“ на документот,  Ташев ќе ги повтори своите негирања: „Во текстот на султанскиот документ нема ‘македонска нација’, нема ‘македонски етнос’,  нема ‘македонски јазик’, и нема ‘забрана за каков било македонски национален идентитет’.“ Ташев преку своите текстови редовно ја оспорува самобитноста на македонскиот идентитет и јазик. Во една изјава за медиумот „Труд“ тој тврди: „Ставот на бугарската држава е дека ова е кодификувана норма на бугарскиот јазик, изведена во 1994-45 година во Вардарска Македонија, од тоа не можеме да отстапиме“. 

Кога ќе се споредат строгите филолошки аргументи на независната светска наука, каков што е примерот со Малецки, со документите на Бугарската академија на науките (БАН) и изјавите на современите бугарски политичари, се забележува длабок и суштински јаз. Официјалните документи на БАН, изјавите на Румен Радев, порано како претседател, а сега и како премиер на Бугарија, како и на и други државни функционери, претставуваат упорен обид да се сведе прашањето за македонскиот јазик на „вештачка творба од 1944/1945 година“. Меѓутоа, научните факти, објавени од Мјечислав Малецки во 1934, 1936 и 1938 година — години пред официјалната државна кодификација на македонскиот литературен јазик — јасно докажуваат дека македонските дијалекти уште тогаш веќе функционирале како посебен јазичен систем. Додека современите негаторски текстови, како оној на Спас Ташев од 2 септември 2026 година, се служат со историски релативизам и негирање на македонскиот јазик, објективната меѓународна славистика одамна го потврди неговиот историски и просторен континуитет.

Четирите илјади македонски зборови во вториот том од студијата за говорите во Суха и Висока – 4 илјади аргументи против апсурдните напади дека не постои македонски јазик

Зошто македонистичките научни истражувања на Мјечислав Малецки од 30-тите години на минатиот век имаат и денес огромна научна тежина? Затоа што тие ѝ се спротивставуваат на доктрината на негација и фалсификати на македонскиот јазик. Затоа што претставуваат непробоен научен бедем, пред кој паѓаат сите и секакви политички мотивирани оспорувања. Во историјата на европската славистика постојат научни дела, чија вредност не се исцрпува со времето, во кое настанале. Таков е случајот со македонистичкото дело на полскиот славист и дијалектолог. Тој како научник од пред еден век не можел да биде ставен во служба на која било современа национална политика. Силата на неговите научни аргументи произлегува од тоа што тој пред Втората светска војна, пред кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик и надвор од југословенскиот политички систем, со теренска дијалектолошка методологија ги проучувал македонските говори и дошол до заклучоци, што не дозволуваат тие да бидат сведени на српски, или бугарски говори, на српски, или бугарски јазик.

Мјечислав Малецки

Теренската работа на Малецки во Македонија започнала во 1933 година. Во 1934 година ја објавил првата книга од монографијата „Два македонски говора (Суха и Висока) во Солунско“ („Dwie gwary macedońskie (Suche i Wysoka w Soluńskiem“). Вториот том со речник од околу 4.000 зборови излегол во 1936 година. Малецки истражувал македонски дијалекти, кои повеќе не постојат во својот животен простор во овој дел на Егејска Македонија. Приведувајќи 4 илјади зборови во тој свој речник, поправо привел и 4 илјади аргументи против апсурдните напади дека не постои македонски јазик. Запишал уште во 1938 година дека „македонските дијалекти не се ниту српски ниту бугарски, туку дека повеќето од нив припаѓаат на еден посебен дијалект, кој може да се нарече македонски јазик.“ Пред неговата кодификација. Затоа Малецки е особено важен во денешниот спор, кој го има бугарската државна политика и лажнонаука самата со себе во врска со елементарното постоење на македонскиот јазик, идентитет и народ.

Како им ги урива Малецки антимакедонските „јазични комбинаторики“ на бугарските научници и политичари?!

Денешната бугарска негаторска и фалсификаторска доктрина настојува да ја сведе македонската јазична посебност и самобитност на политички процес од 20 век. Официјалната  позиција на Бугарската академија на науките од декември 2019 година е: „Службениот јазик во Република Северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“. Институтот за бугарски јазик при БАН тврди: „Континуитетот на таканаречениот македонски јазик е, всушност, континуитет на бугарскиот јазик.“ „Докажувајќи“ дека македонскиот јазик е „регионална бугарска книжевна норма“, Кирило-Методиевскиот научен центар при БАН изнесува: „Современиот официјален јазик во Северна Македонија е плод на политички причини, а не на лингвистички развој.“ Токму тука Малецки станува научно релевантен и им ги урива антимакедонските „јазични комбинаторики“ на бугарските научници и политичари.

Во студијата „Најстариот словенски книжевен јазик“ („Najstarszy literacki język słowian“) Малецки уточнува врз основа на  задлабочена научна анализа дека постојат, од една страна, македонски дијалекти со свои зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики и, од друга страна, западнобугарски дијалекти и источнобугарски дијалекти со свои сопствени зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики, различни од карактеристиките на македонските дијалекти. Значи, ги истакнувал карактеристиките на македонскиот јазик, што не се наоѓаат ниту во бугарскиот, ниту во српскиот јазик. Ги истражувал македонските говори во нивната конкретна географска средина, ги споредувал со соседните српски и бугарски говори врз основа на јазичните особености.

Кој лаже: Малецки, или Спас Ташев и целата Бугарска академија на науки, заедно со Румен Радев и сите други бугарски политичари?!

Но Малецки го отвора најтешкото прашање за оваа конструкција. Ако македонскиот јазик е само „политички создаден во 1944–1945 година“, тогаш како да се објаснат неговите резултати од пред стотина години? Како да се објаснат неговите истражувања на македонските говори во Сухо, Висока, во Костурско, во Богданско, на поширокиот простор на Егејска Македонија? Полскиот славист не работел со јазик, кој некој го „измислил“, туку со јазик и негови дијалекти, кои ги говореле живи луѓе, Македонци. Малецки експлицитно во 1934 година во својата студија именува „два македонски говора во Суха и Висока, во Солунско“. Дали можел да измисли Македонци и македонски говори, македонски јазик, 12-13 години пред официјалната кодификација, кој тогаш само се издигнал на едно скалило погоре во својот многувековен развој и постоење?

Дали Малецки е во право, или Спас Ташев и целата Бугарска академија на науки, заедно со Румен Радев и сите други бугарски политичари? Полскиот лингвист во 30-тите години од минатиот век истражува и аргументира постоење македонски дијалектен простор. Истражува и аргументира за македонскиот јазик како специфичен јазичен тип, кој не може да се припише на бугарскиот, или на српскиот јазик.  Затоа творештвото на овој полски лингвист, славист, истражувач на македонските дијалекти и траен и импозантен споменик на македонскиот јазик, пред кој се уриваат како неодржливи бугарските, грчките и сите други негаторски фалсификати за непостоењето на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата некогашна етнојазична територија на Македонија.

 

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна лингвистичко-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ добива веднаш меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески и американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик. Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

Моќната одбрана на Анатол Франс на Македонците во 1903 – европско „бетонирање“ на идентитетот наспроти бугарско-грчките оспорувања (1)

„Во Македонија турските војници и чиновници масакрираат селани и ги силуваат нивните ќерки и жени. Овие злосторства, извршени за срам на Европа, мора да бидат казнети од Европа. Загрижени сме за судбината на Ерменците и Македонците, не затоа што се христијани, туку затоа што се човечки суштества. Како гаранција за нивното спасение и заради воспоставување сеопшт мир, бараме целосно спроведување на Берлинскиот договор во однос на Ерменија и Македонија. “ – истакнал францускиот писател Анатол Франс во својот знаменит говор, одржан на 18 март 1903 година во Париз на собир, заради поддршка на Ерменија и Македонија. Со тоа уште пред 123 години во срцето на Франција и Европа овој великан на интелектуална Франција едновремено изнесува и моќна потврда на идентитетот на македонскиот народ. Но искажува и заложба за македонска државност и политичка самостојност согласно со Берлинскиот договор од 1878 година, особено во однос на Бугарија и Грција – денешните најжестоки негатори на Македонија и Македонците. Денес се навршуваат 102 години од смртта на овој бележит Француз – бескомпромисен борец и за македонската вистина среде Европа. Оваа годишнина е соодветен повод за ново навраќање кон неговото промакедонско дело, со кое тој трајно заслужува посебно место во колективното паметење на македонскиот народ. Чествувањето на Анатол Франс е чествување и на самите нас како народ со своја самобитност и македонски идентитет.

Пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и наводните на Самуил – огледало на бугарската политика кон Македонија, од добрососедство до историски ревизионизам!

Државната и политичката свест на Бугарија за 80 години се развиваше во негативна насока: од држава, која во 1946 година официјално ја признаваше македонската национална самобитност, идентитет, држава, јазик и историја, до држава-членка на ЕУ, која денес во 2026 година практикува историски ревизионизам кон Македонија, стремежи да ја „прекрои“ нејзината автентична национална историја. Но и стремежи за бугаризирање на македонскиот идентитет и јазик. Официјална Софија денес прибегнува кон вета и блокади на македонската евроинтеграција во обид да ги оствари своите асимилаторски цели и стремежи. Двата столба на македонскиот идентитет и државност се под опсада: Цар Самоил, како македонски државотворен столб на средновековието, и Гоце Делчев, како столб на современата државност и идентитет на македонскиот народ. Toa сe двете клучни точки, кои Софија упорно се обидува да ги бугаризира. Стратегијата не е насочена само кон одделни историски периоди, туку кон целосно растурање и поништување на континуитетот на македонскиот идентитет и државотворните стремежи и традиции на македонскиот народ од минатите векови до денес.

Бугарите „јуришаат“ на „Самуил, владетелот на бугарската држава“, но за врвни светски научници тој е „македонски цар“ на „македонска држава“! (3)

Продолжуваат и денес, на 7 октомври 2026 посети и поклонувања на Бугари пред саркофагот со „посмртните останки на нивниот највелики бугарски владетел Самуил “ во Софија. Продолжува со тоа и и градењето на националниот идентитет, средновековната бугарска државност и на историјата на Бугарите на сметка на македонскиот идентитет и историја, на македонската државност, чиј еден од темелните столбови е и Самуил. Тој е споменат нималку случајно и во државотворниот „Манифест од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ“ од 2 август 1944 година.

Бугарија го „киднапира“ македонскиот цар Самоил, за да ги пополни „дупките“ во идентитетот на Бугарите и на својата средновековна државност!

Пропагандниот циркус на 3 октомври 2026 година кога македонската, европската и светската јавност гледаа во Софија масовни сцени со пренесувањето на „посмртните останки на бугарскиот цар Самоил во саканата татковина Бугарија“, на 6 октомври веќе задобива нови димензии: денешното поклонение пред наводните посмртни останки на средновековниот владетел претставува забрзување и кревање на највисоко рамниште на градењето на националниот идентитет и на историјата на Бугарите. Ова е длабоко и добро осмислена операција на идентитетски, историски и национален инженеринг, заснован врз масовно присвојување на идентитетски елементи на македонскиот народ и автентичната македонска историја. Градење преку крадење – од македонскиот за бугарскиот идентитет!

Остри реакции во Бугарија и Грција околу „спектаклот“ „Враќањето на бугарскиот цар Самуил во татковината“ (2)

Пропагандниот циркус „Враќањето на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил во татковината Бугарија“, кој без никакво сомневање има за цел да го поттикне создавањето на „заедничката историја на Македонија со Бугарија“, односно бугаризирањето на автентичната македонска национална историја, наидува на негативни и критички реакции токму во Бугарија и Грција – двете држави, кои го приредуваат овој „спектакл“ и „лошососедско“ политичко поигрување со сѐ уште научно непотврдените мошти – дали и навистина му припаѓаат на инаку македонскиот цар Самуил.

Пропагандниот циркус „Враќање на моштите на бугарскиот цар Самуил“ на Радев, Каракачанов, Јотова – пренасочување на вниманието на јавноста (1)

На 23 дена до одржувањето на изборите за нов претседател на Бугарија бугарските политичари, предводени од сѐ помалку популарниот премиер Румен Радев, организираат пропаганден циркус „Враќање на коските на бугарскиот владетел Самоил во татковината“. Во бугарската јавност и меѓу тамошни експерти ова наидува на тешка иронија, остри критики и коментари дека е „уште една бугарска трагикомедија“, „операција заради одвлекување на вниманието на гневната јавност и населението од економските неуспеси на владата и Радев лично“, но и како „предизборна пропаганда“ и „претстава за јавноста“ во екот на предизборната кампања спроти изборите за нов шеф на бугарската држава, закажани за 25 октомври 2026 година. Во бугарската јавност и на тамошните општествени мрежи веќе кружат негативни и зајадливи коментари во стилот „бугарскиот народ гладува и нема пари за леб и да плаќа сметки, а власта прави циркуси со коски“, „народот сака да купи месо без коски, а тие нам ни нудат коски, кои се за во музеј“ и „покрај коските, кога ќе му го земете и духот на Самоил, кога ќе го донесете и него во Бугарија“?!

Заветот на Анте Поповски до Македонците да ги зачуваат Македонија и македонскиoт јазик и неговите пораки до Европа

„Јазикот на еден народ е негов златен штит, негова татковина и најголема духовна вредност. Пеев уверен дека она што го пеам на ниеден друг јазик не може да се испее освен на јазикот на големата судбина на Македонците. Тие, чија адреса е запишана во Библијата, кријат некоја тајна за иднината на светот: зашто тие се сеќавање на свеста, на вековите кои одминале. Оган – кој не згаснува.“ – има напишано за македонскиот јазик и народ великиот поет на македонската кауза Анте Поповски. Тој почина на денешен ден, на 1 октомври 2003 година. Оваа 23-та годишнина од неговата смрт е соодветен повод за ново навраќање кон творештвото на овој волшебник на македонската поетска реч и кон неговите вонвременски пораки, кои еднакво силно одекнуваат и денес

To top