Колумни

Теророт врз Македонците во Грција и злогласниот закон на Метаксас од 7.9.1938 за забрана на македонскиот јазик!

На 7 септември 1938 година, диктаторскиот режим на Јоанис Метаксас во Грција го донесе Законот (Правен акт) 2366, со кој радикално се засили претходната забрана и целосно се криминализираше употребата на македонскиот јазик во Егејска Македонија — вклучително и во интимата на сопствениот дом и во кругот на семејството.

Пишува: Свето Тоевски

Законот на Метаксас против македонскиот јазик – еден од најжестоките акти на грчката систематска асимилација и денационализација на Македонците во Егејска Македонија

Донесувањето на Правниот акт 2366 на денешен ден, на 7 септември 1938 година претставуваше врв на државниот терор на Метаксасовиот режим врз македонското население во Егејскиот дел на Македонија, во Грција. Законот на Метаксас за забрана на употребата на македонскиот јазик во Грција претставува еден од најжестоките акти на систематска асимилација и денационализација на Македонците во Егејска Македонија. За разлика од претходните обиди за асимилација, овој акт изврши брутална инвазија во најприватната сфера на поединецот — во неговиот дом и во семејното огниште. Тој воведе строги казни за секој изговорен македонски збор: парични казни, присилно пиење рицинусово масло, затвор и депортација на пусти острови. Селата во Егејска Македонија беа преплавени со шпиони. Децата беа принудувани да ги кодошат сопствените родители, ако  проговорат дома на мајчин јазик. Овој закон предизвика длабока колективна психолошка траума кај Македонците во Егејот, создавајќи страв, кој се пренесуваше со поколенија.

Беше воведена целосна и строга забрана за употреба на македонскиот јазик, не само во јавната сфера, туку и во приватниот и семејниот живот. Владееше целосна репресија: забраната важеше насекаде — на пазарите, во секојдневната комуникација, на свадби, погреби, па дури и во сопствениот дом. Полициски патроли прислушувале по прозорците на куќите, за да фатат некого како зборува на македонски. Биле изрекувани драконски казни: за секој искажан македонски збор следувале остри казни: високи парични глоби, јавно понижување. Во оваа смисла „специјална“ била тортурата  со рицинусово масло: во костурските села била редовна пракса изведувањето на селаните среде село, каде што локалните жандарми ги принудувале да пијат рицинусово масло пред сите како казна за зборување на мајчиниот јазик. Присилното пиење големи количества рицинусово масло било вршено, за да добијат жртвите силен и неконтролиран пролив, или им било плукано во уста. Целта на грчките жандарми била јавно да се понижат жртвите, да го изгубат достоинството пред сопствените сограѓани и да се испрати јасна порака до целото село. Покрај тоа, тие биле физички малтретирани и претепувани.

Македонски деца од селата во околината на Солун

Бришењето на македонскиот идентитет и секоја македонска трага во Егејска Македонија – една од главните цели на законот на Метаксас од 7 септември 1938

Имало масовни апсења и интернации: повеќе од 5.000 Македонци биле осудени, затворени, или депортирани во интернација на пустите грчки острови под обвинение за „дејствување против државната безбедност“. Македонското население, без оглед на возраста, било присилно праќано на т.н. „вечерни училишта“ за да го учи грчкиот јазик. Една од главните цели била бришење на македонскиот идентитет: напоредно со јазичната репресија, биле сменети сите преостанати македонски топоними, имиња на села, градови, цркви, па дури и личните имиња и презимиња на луѓето, кои морале да бидат погрчени. Овој период оставил длабоки историски трауми кај македонското население во Грција, принудувајќи ги генерациите да го потиснат сопствениот мајчин јазик во страв за своето постоење.

Забраната за употреба на македонскиот јазик за време на Метаксасовата диктатура (1936–1941) била особено брутална во регионите, каде што македонското население било доминантно — Костурско, Леринско и Воденско. Како резултат на законот, овие региони биле подложени на воен и полициски терор, но истовремено во нив се родил силен тивок и организиран отпор. Леринскиот регион важел за едно од најцврстите македонски јадра, поради што притисокот тука бил најекстремен. Се организирало полициско шпионирање под прозорците на куќите: во леринските села жандармите ноќе кружеле околу куќите и прислушувале под прозорците, за да откријат дали семејствата меѓу себе зборуваат на македонски јазик. Бил вршен терор дури и врз македонските деца: во училиштата биле физички казнувани, тепани со прачки по рацете и јавно понижувани, ако изустеле македонски збор при играње во дворот.

Имало и специјални „јазични“ полициски пунктови на пазарите: на пазарот во градот Лерин, полицијата стоела меѓу селаните. Селанецот, кој не ќе знаел да каже „домати“, или „пиперки“ на грчки, не смеел да продава и бил директно спроведуван во полициска станица. Костурскиот регион претрпел масовни депортации: илјадници Македонци од овој крај биле уапсени под обвинение за „словенски национализам“, само затоа што биле фатени и чуени како зборуваат македонски јазик. Потоа без судење биле интернирани на пустите грчки острови Макронисос, Агиос Ефстратиос, Анафи…. Во овој регион засилено се кршеле и се стружеле македонските натписи од надгробните плочи во црквите и гробиштата. Во Воденско имало „задолжителни вечерни училишта“: стари луѓе од по 70 и 80 години од воденските села биле принудувани по цел ден да работат на нивите, а навечер пешки да одат со километри до т.н. „вечерни училишта“, за да учат грчки букви. Оние, кои нема да се појавеле, плаќале огромни парични глоби. Не случајно била забранувана и македонската песна: на традиционалните селски слави во Воденско градските музичари добиле строга наредба да не свират македонски ора. Ако запеел некој македонска песна, веднаш следело апсење на целата тајфа.

Дочек на генералот Јоанис Метаксас со фашистички поздрав и кренати раце во стилот на                  нацистичка Германија и нејзиниот лидер Адолф Хитлер

Лично сведоштво на австралиски новинар: што им прават Германците на Евреите, тоа им го прават и Грците на Македонците – за да им всадат „грчки национален дух“!

Австралискиот новинар и автор Берт Биртлс (1900 –1994) во својата книга од 1938 година со наслов „Грција постојано ги прогонува Македонците“ пишува дека тоа што германските нацисти им го правеле на Евреите, тоа им го правеле и грчките фашисти кон Македонците. Биртлс бил дописник на весниците  „Дејли телеграф“, „Сан“ и „Сандеј телеграф“. Заедно со својата сопруга Дора престојувал една година во Грција. И двајцата патувале низ целата земја, истражувајќи ја политичката ситуација. Биле сведоци на политичките борби, како и на прогонот и тортурата врз илјадници луѓе, меѓу кои и врз Македонците, во злогласните логори на островите Гавдос, Анафи и други.

Книгата на „Берт Биртлс со наслов „Грција постојано ги прогонува Македонците“, објавена во 1938 година, со неговите лични сведоштва за прогонот и тортурите врз Македонците во Егејска Македонија, само поради тоа што се Македонци и поради нивното говорење на мајчиниот македонски јазик

Споредувајќи го грчкиот прогон на Македонците во Грција со германскиот прогон на Евреите, Биртлс запишал: „Преку својата изопачена нечовечност грчката диктатура го имитира германскиот и италијанскиот модел, но таа таа веќе има развиено и свој посебен бренд на шовинизам. Грција нема Еврејски проблем, но ги има Македонците. Во име на ‘хеленизацијата’  грчките власти постојано ги прогонуваат овие луѓе и ги апсат поради најнечуени причини. За да всади во нив соодветен [грчки] национален дух, Метаксас го употребува методот со менување на изворните, македонски имиња на местата во грчки и преку забранување Македонците] да го употребуваат својот мајчин [македонски] јазик. А ако покажат и најмал отпор спрема указот (на Метаксас од 7 септември 1938 година – л.заб.) селаните-Македонци се прогонувани без судење, бидејќи и тоа се сметало како  закана за безбедноста на државата. Навистина, има многу малку политички затвореници, без разлика дали Македонци или Грци, кои се формално обвинети за некакво кривично дело.“

Жестокиот фашистички терор на грчката диктатура на Метаксас не успеа во целина: Македонците ги претворија своите домови во тврдини на македонскиот јазик!

И покрај жестокиот фашистички терор на грчката диктатура на генералот Метаксас, уследиле реакции и отпор од македонското население кон споменатиот закон. Македонците не се откажале од својот идентитет и јазик. Отпорот се пројавувал на повеќе начини. Се случувал „јазичен отпор“ во домовите, кои станале тврдини на македонскиот јазик. Повозрасните строго ги заветувале децата да го зборуваат македонскиот јазик веднаш штом ќе се затвори домашната врата, со цел јазикот да не изумре кај новите поколенија. Политичкиот отпор на Македонците започнал да се пројавува и преку Комунистичката партија на Грција: многу млади Македонци од Леринско и Костурско почнале да се приклучуваат на левичарските движења и Комунистичката партија на Грција (КПГ), која во тој период (иако и самата илегална под Метаксас) ветувала национална рамноправност и признавање на правата на Македонците. Ова била основата за партизанското движење: овој тивок отпор и револуционерен македонски гнев, насобран во времето на Метаксас, експлодирал веднаш по започнувањето на Втората светска војна (1941), кога Македонците масовно се организирале во оружени чети (Славомакедонскиот народен ослободителен фронт – СНОФ, а подоцна и НОФ), за да се борат за својата слобода.

Правниот акт 2366  на грчкиот фашистички диктатор Јоанис Метаксас не успеа целосно да го искорени македонскиот јазик, но успеа да го осакати неговиот природен развој, природното предавање од постарите на помладите македонски поколенија. Ова е последица, која тешко се чувствува и денес.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна лингвистичко-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Непостојниот“ македонски јазик и идентитет во концепцијата на Антоан Меје за „новата Европа“ – 26 години пред АСНОМ и кодификацијата (2)

Од денешна перспектива, придонесот на Меје може да се оцени на неколку нивоа. На балканско ниво неговото дело претставува аргументиран научен отпор кон обидите македонските говори целосно да се подведат под српскиот, или бугарскиот јазичен концепт. На европско ниво неговото значење произлегува од фактот што оваа анализа ја објавува еден од најугледните европски лингвисти, во Париз, во дело посветено на јазичната карта на Европа. Македонија  и македонскиот јазик на тој начин стануваат предмет на разгледување во поширока европска научна дискусија за јазиците, нациите и државите.

Придонесот на Антоан Меје за светското признавање и афирмација на македонскиот јазик како белег на македонскиот идентитет уште пред 108 години!

„Дијалектите на Македонија се дел од јужнословенската група. Заправо тие не се ниту српски, ниту бугарски, особено ако се мисли на пишаниот бугарски јазик, кој се засновува врз дијалекти, доста оддалечени од македонските дијалекти.“ – нагласил Антоан Меје во својата знаменита научна студија „Јазиците во Нова Европа“, објавена во Париз во 1918 година. „Дијалекти на Македонија“ и „македонски дијалекти“ вели овој јазичар 26 години пред да биде македонскиот јазик „измислен од Тито и искован врз основа на бугарски корени“. Денес се навршуваат 160 години од раѓањето на овој врвен европски и светски јазичар. Ова е соодветен повод за ново навраќање кон неговиот научен придонес кон одбраната и афирмацијата на македонската јазична и идентитетска самобитност на европскиот континент и во светски рамки.

Делото на Видоески наспрема „Бугарскиот договор“: дали е време во 2026 Македонија да постапи како Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949?! (2)

Грандиозното научно дело на дијалектологот Божидар Видоески не само што ги урива сегашните бугарско-грчки фалсификати и оспорувања на македонскиот јазично-идентитетски комплекс, туку и отвора сериозен простор за дилема: дали нема, или можеби и има право Република Македонија, согласно и со меѓународното право и неговиот врховен принцип „јус когенс“ да постапи денес со „Бугарскиот договор“ еднакво како што постапи Бугарија со „Бледскиот договор“ во 1949 година – како Бугарија согласно со нејзините „бугарски државни и национални интереси’, така и Македонија согласно со своите државно-национални интереси?! Зашто, великанот на македонската дијалектологија аргументирано докажа дека македонскиот јазик е столб на македонскиот идентитет и сиот свој живот го бранеше тој идентитетски столб, кој е денес загрозен со бугарските евроинтеграциски уцени и ултиматуми.

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Наде Проева – жестокиот научен борец против обидите на Грците и Бугарите да им го одземат Македонското сонце-македонскиот идентитет на Македонците!

Во ерата кога историјата повторно се користи како геополитичко оружје, а македонскиот национален, јазичен и културен идентитет е подложен на координиран оспорувачки притисок од соседите, научната оставнина на проф. д-р Наде Проева (1949–2024) светли како незгаслив светилник на македонската вистина ширум Балканот и Европа. Како еден од најголемите македонски експерти за историјата на Античка Македонија со меѓународен углед, Проева во своето капитално дело „Триптих за македонскиот идентитет“ изнесува сериозна, научно втемелена и методолошки беспрекорна одбрана на македонската посебност. На 6 номври 2026 се навршуваат две години од нејзината смрт. Ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон научното творештво на оваа голема македонска научничка, која на „добрите балкански соседи“ и на политичка Европа со силата на научните аргументи им покажа и им докажа дека никој нема право да му ги оспорува на македонскиот народ неговото исконско, древно македонско национално самосознание и идентитет во име на некакви „повисоки геополитички цели“. Проева остави траен и нескршлив научен аргумент во рацете на идните поколенија за одбрана на правото на македонскиот народ да биде она што е – македонски, свој на своето, на македонското.

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

To top