Мисирков е и денес, сто години по неговата смрт, современ хуманист: неговиот пристап не е шовинистички. Тој не бара супериорност на македонскиот народ над другите народи, туку благородно се бори само за правото на самоопределување и културен опстанок на Македонците во суровите геополитички услови на тогашниот Балкан и Европа. Мисирков е интелектуалниот архитект на македонизмот. Тој не користи оружје, туку перо, култура и наука, за да ја докаже етничката, јазичната и културна самобитност на својот македонски народ. Во оваа смисла Мисирков посега по научна методологија таква каква што постоела во неговото време: користи филолошки, етнографски и историски аргументи, кои се на нивото на тогашната европска славистика и политички науки, за да докаже дека Македонија и македонскиот народ се со древни корени на европското тло, а не како што се обидуваат Бугарите и Грците да „докажат“ дека „Тито го направил Македонецот и македонскиот јазик во својата државна лабораторија“, користејќи некаква „политичка алхемија“. Мисирков пишува за Македонија, македонски народ и јазик уште и пред да се роди Тито.

Авторот на „За македонцките работи“ разбира дека политичкото ослободување е невозможно без претходно будење на националната свест кај македонските масите. Неговите тези во „За македонските работи“ и другите статии, кои ги пишувал, не се само политички пароли, туку се многу повеќе дел од една научно издржана и обопштена платформа. Севкупното дело на овој велик Македонец е токму тоа – платформа на македонизмот, на македонството. Би се рекло, и повеќе: тоа дело, а особено за „Македонцките работи“ е светилник на македонизмот и македонскиот народ
Во геополитиката на сегашните балкански, европски и светски случувања колку повеќе ќе се загледуваме во нашето македонско минато, толку повеќе ќе можеме да гледаме во својата македонска иднина. Зашто, не случајно римскиот државник, говорник и филозоф Марко Тулиј запишал во 55 година од нашата ера, односно пред околу две илјади години: „Историјата е учителка на животот“. Македонската историја е историја на буни, востанија, борби со поробувачи, тоа е историја на непокор и во оваа смисла делото на Мисирков нуди клуч за поцелосно согледување на нашето минато, за да може да се гради иднината. Објаснувањето на историските процеси, содржано во „За македонцките работи“ фрла светлина и денес врз патот, по кој треба да чекори македонскиот народ во времето, што доаѓа.

Крсте Петков Мисирков може целосно и рамноправно да се спореди со други големи национални мислители, филолози и хуманисти од Европа и светот. Неговата улога во македонската историја е аналогна на националните личности на другите европски и светски народи, кои во текот на XIX и почетокот на XX век ги кодификуваа „малите јазици“ на своите народи и ги афирмираа нивните национални идентитети во рамките на големите империи. Мисирков беше еден од најголемите Македонци на 20 век, со големи изгледи тоа да остане и во наредниве децении на овој21 век.
(крај)
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)