Од црквата „Свети Петар и Павле“ во Ново Лисиче вечерва беа испратени 35 учесници на традиционалниот 48. Илинденски коњички марш.
„Со гордост им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода. Нека нивниот пат биде безбеден, а традицијата што ја негуваат продолжи да ги обединува сегашните и идните генерации“, рече премиерот Христијан Мицкоски, кој со повеќемина министри, пратеници и градоначалници присуствуваше на литургијата и потоа на свеченоста во дворот на црквата.
„Нека патот им биде лесен, а знамето што го носат нека биде симбол на нашето единство, достоинство и непоколеблива љубов кон татковината“, порача Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба, поддржувач на настанот чиј покровител е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Учесниците на маршот треба да пристигнат во Крушево на 2 август и да продефилираат по Мечкин Камен за големиот македонски верски, национален и државен празник Илинден.