Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека економските резултати најдобро се мерат преку конкретни бројки, а бројките јасно покажуваат дека со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ платите и пензиите растат значително побрзо, што директно придонесува за подобрување на животниот стандард и за поголема економска сигурност на граѓаните.
Ако се направи директна споредба со периодот на владеење на СДС и ДУИ, од партијата велат дека разликата е очигледна. Кога СДС дојде на власт, во јуни 2017 година просечната плата изнесувала околу 22.800 денари, а до мај 2024 година достигнала 41.250 денари. Тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, значи дека за седум години просечната плата се зголемила за повеќе од 18.400 денари, односно со просечен месечен раст од околу 220 денари.
Од партијата посочуваат дека во јули 2024 година, кога Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го презеде мандатот, просечната плата изнесувала околу 40.900 денари, додека во мај 2026 година достигнала над 49.500 денари. Тоа, како што велат, претставува зголемување од околу 8.600 денари за само 23 месеци, односно просечен месечен раст од над 370 денари или околу 70%.
„Ова покажува дека во периодот на оваа Влада, наспроти критиките на опозициската СДС, платите растат со значително поголема динамика“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека разликата е уште појасна кај пензиите. Во јуни 2017 година просечната старосна пензија изнесувала помалку од 15.300 денари, а во мај 2024 година достигнала над 22.900 денари, што значи дека за седум години таа се зголемила за речиси 7.700 денари, односно за околу 90 денари.
Во јули 2024 година просечната старосна пензија изнесувала околу 22.850 денари, додека во мај 2026 година достигнала над 29.700 денари, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува зголемување од повеќе од 6.800 денари за 23 месеци, односно за околу 300 денари месечно или 325%.
Од партијата оценуваат дека овие бројки се доказ дека економските политики даваат конкретни резултати и граѓаните можат директно да ги почувствуваат во своите семејни буџети.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека Владата продолжува со политики насочени кон повисоки плати и пензии, привлекување нови инвестиции, отворање работни места и создавање посилна и поконкурентна економија.