СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.С.(43) од с.Гошинце, општина Липково, сопственик и управител на правно лице, товарејќи го за „фалсификување или уништување деловни книги“. Но кривична пријава од СВР Куманово добил и А.Б.(30) од Скопје, помлад соработник во Сектор за шумарство и ловство при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Него го товарат за „несовесно работење во службата“.
Првопријавениот С.С., на 8 август 2023 од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, противправно подигнал испратници задолжени на правно лице, односно на име на фирма што претходно била во негова сопственост. Поточно, фирмата на 15 февруари 2022 година била избришана од Централен регистар согласно Закон за трговски друштва.
Потоа во 25 испратници, С.С. внел невистинити податоци кои ги заверил со својот потпис и печатот од фирмата и противправно ги искористил како да се вистинити за продажба на огревно дрво и дрвни сортименти преку правно лице, со што се стекнал со имотна корист, нагласува СВР Куманово.
Второпријавениот А.Б., како службено лице со задолжение од 6 јули 2022 за издавање на испратници, не извршил соодветна контрола на документацијата доставена од првопријавениот С.С. и не утврдил дека правното лице, односно фирмата, е ликвидирана, по што му издал испратници.