Тенорот од светски глас Хосе Карерас, заедно со македонските музички ѕвезди, вечерва на преполниот плоштад „Македонија“ во Скопје ставија свој печат врз одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Република Македонија.
Во очекување на настапот на 79-годишната мегаѕвезда на класичната музика од Шпанија, срцата на многуилјадната публика ги разгалија македонските оперски пејачи Ана и Игор Дурловски, како и Дешира Амети-Крлиу, виртуозот на гитара Влатко Стефановски, ѕвездите на македонската забавна естрада Каролина Гочева, Калиопи и Маја Оџаклиевска и бардовите на македонската народна песна Сузана Спасовска, Наум Петрески и Миле Кузмановски.
Карерас беше пречекан со одушевување од присутните на централниот плоштад во македонскиот главен град, a маестралните изведби на Passion, Dicitencello vuie, Night and Day во дует со Каролина Гочева, Moon River во дует со Калиопи итн. никого не оставија рамнодушен.
Концертот е придружуван од Македонската филхармонија, под диригентската палка на долгогодишниот диригент на Карерас, Давид Хименез.
Утре на платото пред арената „Борис Трајковски“ ќе се одржи концертот „Најдоброто од Македонија“, со настапи на Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари.
На 4 септември, прославата продолжува со мултимедијалниот спектакл „Силно светнал ден“ на Плоштад „Македонија“, во кој ќе настапат повеќе од 120 артисти.
Кулминација на прославата ќе биде на 8 септември, кога на стадионот „Тоше Проески“ ќе настапи светски познатиот диџеј и продуцент Давид Гета со спектакуларното „The Monolith Stadium Show“.
