Бизнис

ММФ отвора центар за техничка помош за земјите од Западен Балкан и Молдавија

Меѓународниот монетарен фонд ќе отвори нов центар за техничка помош во Рим, наменет за земјите од Западен Балкан и Молдавија, со цел да им помогне во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети во процесот на пристапување кон Европската Унија. Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, оцени дека проширувањето на ЕУ повторно се наоѓа високо […]

Меѓународниот монетарен фонд ќе отвори нов центар за техничка помош во Рим, наменет за земјите од Западен Балкан и Молдавија, со цел да им помогне во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на институционалните капацитети во процесот на пристапување кон Европската Унија. Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, оцени дека проширувањето на ЕУ повторно се наоѓа високо на европската агенда и дека тоа може да донесе значајни економски придобивки како за идните, така и за постојните членки на Унијата. Таа додаде дека наскоро во Рим ќе биде отворен центар за земјите од Западен Балкан и Молдавија – Центарот за техничка помош на Југоисточна Европа (SEETAC) на кој е планирано да се приклучи и Украина.

  • Во ММФ видовме огромни придобивки од проширувањето, и за новите и за постојните членки на ЕУ. Всушност, можеме да кажеме дека проширувањето го активира моторот на конвергенција (усогласување), што, според мене, е најважниот изум на 20 век. Доколку добро се спроведе, проширувањето на ЕУ може да обезбеди многу потребен поттик за растот во Европа – и за кандидатите и за постојните членки- рече Георгиева во Центарот за студии за европска политика (CEPS) во Брисел.

Таа  го презентираше новиот извештај посветен на пристапувањето во ЕУ и Западен Балкан, во кој се наведува дека членството во ЕУ нуди единствена можност за забрзување на растот и зголемување на животниот стандард за земјите кандидати. Според неа, за проширувањето да го зголеми животниот стандард, тоа навистина мора да се направи добро – земјите кандидати мора да спроведат смели домашни реформи, а ЕУ мора да обезбеди разумна поддршка.

Земјите кандидати имаат корист од приклучувањето кон ЕУ, бидејќи одговорот лежи главно во поголемата продуктивност. Продуктивноста сочинува околу две третини од вкупното зголемување на приходите од пристапувањето, рече таа.

  • Но, продуктивноста не доаѓа магично со членството во ЕУ. Таа мора да се заработи. Таа се јавува кога локалните и странските инвеститори и компании гледаат нови можности во земјите во процесот на пристапување. Таа се јавува кога компаниите иновираат, инвестираат и се натпреваруваат – додаде директорката на ММФ.

Георгиева нагласи дека земјите кандидати треба ефикасно да го спроведат acquis на ЕУ и да избегнуваат празнини и непотребно прилагодување или претерување, бидејќи тоа ги намалува придобивките од интеграцијата.

  • Но, ЕУ има и многу работа да направи. Придобивките од пристапувањето ќе бидат поголеми – за сите – ако единствениот пазар стане подлабок и понепречен. Проширувањето и продлабочувањето на единствениот пазар треба да се гледаат како надополнувања – поголема Европа може да биде посилна Европа – но многу повеќе ако е поинтегрирана Европа – рече Георгиева.

Во извештајот со наслов „Премостување на границите: Максимално искористување на пристапувањето во ЕУ“ (Bridging Borders: Making the Max of EU Accession), се наведува дека бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител во земјите од Западен Балкан би можел да се зголеми за околу една третина во рок од една деценија под одредени услови.

Остварувањето на овој потенцијал ќе бара три меѓусебно зајакнувачки сили: домашни структурни реформи засновани на acquis на ЕУ, подлабока интеграција во единствениот пазар и ефикасно користење на фондовите на ЕУ, што во голема мера би придонело за вкупните придобивки, се наведува во извештајот.

Во него се додава дека патот кон просперитет е раст на продуктивноста, кој сочинува две третини од растот на приходите, поттикнат од посилни институции, подобро управување и подинамичен приватен сектор.

Според ММФ, пристапувањето може да го забрза усогласувањето преку неколку меѓусебно зајакнувачки канали. Интеграцијата во единствен пазар – преку слободно движење на стоки, услуги, капитал и работна сила – ја проширува големината на пазарите на производи и фактори, ја зајакнува конкуренцијата и го олеснува трансферот на технологија. Усвојувањето на acquis на ЕУ го подобрува управувањето, квалитетот на регулативата и кредибилитетот на политиката, намалувајќи ја неизвесноста и намалувајќи ги премиите за ризик, што пак може да ги поддржи приливите на капитал.

Пристапот до финансирање од ЕУ за инфраструктура и институционален развој го зголемува јавниот капитал и привлекува приватни инвестиции. Посилните инвестиции и усвојувањето на технологијата ја зголемуваат продуктивноста на трудот и растот на платите, подобрувајќи ги резултатите на пазарот на трудот и помагајќи во ублажување на миграцијата преку правење на домашните можности попривлечни, се додава во обемниот извештај.

Тековните рамки за монетарна политика и девизен курс, особено релевантни за управувањето со динамиката на транзиција, во голема мера ги одразуваат оние од претходните рунди на пристапување. Меѓу сегашните кандидати, Албанија, Молдавија, Северна Македонија и Србија одржуваат режими на девизен курс кои се движат од флуктуирачки до де факто стабилизирани, додека Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора немаат независни монетарни политики.

Сличен јаз ги карактеризираше претходните рунди на пристапување: некои земји ја задржаа монетарната независност дури и по пристапувањето во ЕУ (на пример, Чешка, Унгарија, Полска и Романија), додека други се откажаа од неа пред пристапувањето (на пример, балтичките земји и Бугарија), се додава во извештајот на ММФ.

Најнови вести од: Бизнис

Божиновска за грчки “Енерџи Гејм”: Македонија станува клучна гасна раскрсница на Балканот

Енергетски центар за снабдување на Југоисточна Европа е новата улога што министерката Сања Божиновска ја најавува за Македонија по приклучувањето кон Вертикалниот коридор. Договорот беше потпишан на 4 септември во Солун, но патот од политички меморандум до гасна раскрсница зависи од изградбата на две клучни врски со Грција и Србија.

(Фото): „Алказар Енерџи Партнерс“ обезбеди финансиско затворање за Ветерниот парк Штип, најголемиот проект за ветерна енергија во Македонија

На реализацијата на проектот за изградба на ветерниот парк на компанијата „Алказар“ во Штип, од Владата истакнаа дека инвестициите во обновливи извори на енергија, заедно со развојот на одржливиот транспорт, се меѓу клучните чекори кон модерна и енергетски стабилна Македонија.

(Фото): Македонија со една од најниските стапки на инфлација во Европа

Според досега објавените податоци на „Евростат“, инфлацијата во Еврозоната во август се проценува на 3,3%, наспроти 2,6% во Македонија. Во јули инфлацијата во Еврозоната изнесуваше 2,9%, додека во Македонија беше 2,3%. Тоа значи дека втор месец по ред Македонија има пониска стапка на инфлација од Еврозоната.

За три месеци се завршени градежни работи вредни 242 милиони евра

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски оцени дека се работи за исклучително висок раст, и раст кој што не е феномен само за вториот квартал, туку е континуитет уште од минатата година.

To top