Свет

Трамп не се кае: Пак би го нападнал Иран

Тој ги отфрли тврдењата дека некои од неговите поддржувачи се вознемирени или обесхрабрени поради војната

Претседателот Доналд Трамп изјави дека не жали што ја започнал војната со Иран, и покрај потенцијалното влијание на конфликтот врз американските избори на средината од мандатот во ноември, пренесува Ројтерс.

„Не верувам во зборот ’каење‘. Секогаш може малку да се преиспитуваат сопствените одлуки“, нагласи тој во интервју за „Фокс њуз“.

„Кога би требало сè да повторам, би го направил токму она што го направив“, тврдеше Трамп.

Тој ги отфрли тврдењата дека некои од неговите поддржувачи се вознемирени или обесхрабрени поради војната.

„Не мислам дека се обесхрабрени. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да дојде до нуклеарно оружје“, истакна Трамп.

Трамп го повтори својот став дека војната ќе заврши веднаш по изборите на средината од мандатот.

„Ќе заврши веднаш по изборите“, изјави тој категорично. Американскиот лидер даде слична изјава и во средата, обвинувајќи го Техеран дека се обидува да влијае врз изборите, кои ќе одлучат дали Републиканската партија на Трамп ќе ја задржи контролата врз Конгресот.

Одделно, американскиот претседател им рече на новинарите дека војната со Иран нема да трае до крајот на неговиот мандат.

„Не, нема никакви шанси за тоа“, изјави Трамп.

Растот на цените на нафтата и природниот гас, како последица на војната што САД и Израел ја водат против Иран, стана главно прашање за републиканците пред изборите.

САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Техеран, пак, возврати со напади врз Израел и врз земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени бази. Во американско-израелските напади врз Иран и израелските напади врз Либан загинаа илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Трамп како една од целите на војната го наведува слабеењето на нуклеарните капацитети на Иран. Иран не поседува нуклеарно оружје и тврди дека неговата програма за збогатување ураниум е за мирнодопски цели.

Најнови вести од: Свет

Америка одбележува 25 години од нападот врз кулите близначки

Официјалниот број на загинати изнесува 2.977 лица, не сметајќи ги 19-те киднапери. Жртвите биле државјани на 90 земји. Меѓу загинатите имало 343 пожарникари, како и полицајци и припадници на други служби за итни интервенции

Русија изгуби сто пати повеќе војници во Украина отколку во Авганистан

Според податоците објавени од Генералштабот на вооружените сили на Украина на 9 септември, загубите во рускиот воен персонал од почетокот на целосната инвазија врз Украина надминаа 1,5 милиони загинати и ранети

To top