Свет

Денес избори во Шведска, на кои е можно да се случи победа и историски влез на крајната десница во владата

Граѓаните на Шведска денеска гласаат на парламентарните избори, на кои левиот и десниот блок влегуваат речиси целосно израмнети со разлика од само 0,3 отсто, а исходот би можел да го донесе првиот историски влез на крајнодесничарските Шведски демократи во владата.

Право на глас на овие избори имаат рекордни 8.046.725 гласачи – првпат повеќе од осум милиони – при што излезноста се очекува повторно да биде исклучително висока, на ниво на претходните избори од 84,2 проценти. Левиот блок го предводи Магдалена Андерсон, лидерка на Социјалдемократите, која се обидува да се врати на премиерската функција по четири години во опозиција. Нејзин главен ривал е актуелниот премиер Улф Кристерсон, предводник на десниот блок и лидер на Умерените, кој ја предводи актуелната малцинска влада.

Актуелната десничарска власт е коалиција меѓу Умерените (М), Христијанските демократи (КД) и Либералите (Л), која формално не ги вклучува Шведските демократи (СД), но директно зависи од нивната поддршка преку таканаречениот Договор од Тидо. Оваа коалиција во моментов контролира 176 од вкупно 349 пратенички места во Риксдагот – односно тенко мнозинство од само еден мандат. Сепак, Кристерсон овојпат им вети министерски позиции на Шведските демократи доколку десниот блок победи. Според анкетите, СД освојува околу 19 отсто од гласовите, а нејзиниот лидер Џими Окешон отворено бара директно учество во власта. Тоа би било првпат оваа партија, која има неонацистички корени, формално да влезе во шведската влада.

Аналитичарите истакнуваат дека изборите се во голема мера референдум за Шведските демократи и нивниот успех во отстранувањето на екстремистичкиот товар. Партијата во 2025 година се извини за своите поранешни неонацистички и антисемитски ставови, но и понатаму застапува радикални мерки – укинување на дозволите за постојан престој, дополнително намалување на миграцијата и законски одредби против таканареченото „антишведско“ однесување.

Клучните теми во кампањата се сведени на имиграцијата, криминалот и прашањето „што е Шведска“. Интересно е што и самата Андерсон и Социјалдемократите во последните години се придвижија надесно по овие прашања, па гласачите главно избираат меѓу темпото и стилот на спроведување на реформите, а помалку меѓу две целосно спротивставени визии. Клучен фактор за конечниот победник би можел да биде изборниот праг од четири отсто на национално ниво (или 12 отсто во една изборна единица). Либералите, партнерот на Кристерсон, се движат токму околу оваа граница (помеѓу 2 и 4,3 отсто). Доколку тие не го минат прагот, десниот блок ќе изгуби драгоцени мандати, што би можело да му ја одземе победата на Кристерсон без оглед на успехот на СД. На другата страна, зајакнување бележи левичарската Партија на Центарот, особено во Стокхолм.

Од вкупниот број гласачи, 483.182 се млади кои гласаат првпат, а речиси 227.000 се Швеѓани кои живеат во странство. Можната победа на десницата и влезот на СД во власта би претставувале голем пресврт за Шведска, која долго време важеше за морален компас на Европската Унија за човекови права и мултикултурализам. Тоа би ја ставило земјата во редот на Италија, Холандија и Унгарија, каде што десничарските партии станаа дел од власта, што дополнително би му го отежнало на Брисел формирањето заедничка миграциска политика.

Првичните резултати се очекуваат вечерва, но процесот на формирање влада би можел да трае со недели, па и со месеци.

Најнови вести од: Свет

Трамп: Ирска може да се обедини и сега! – Ирски реакции: За иднината на земјата одлучуваат граѓаните, а не странски државници!

Лидерите на унионистичките партии во Северна Ирска упатија низа критики до американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска. Тие му порачаа на Трамп дека „за уставната иднина на земјата ја одлучуваат исклучиво нејзините граѓани, а не странски државници“, пренесоа британските медиуми.

АфД поднесе кривична пријава против Мерц по обвинувањата за „етничко чистење“

Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц, кој во говор во парламентот оваа недела ја обвини антиимиграциската партија дека спроведува политика на „етничко чистење“.

Америка одбележува 25 години од нападот врз кулите близначки

Официјалниот број на загинати изнесува 2.977 лица, не сметајќи ги 19-те киднапери. Жртвите биле државјани на 90 земји. Меѓу загинатите имало 343 пожарникари, како и полицајци и припадници на други служби за итни интервенции

Најнови вести

To top