Македонија

Мицкоски утре во Вашингтон – во фокусот инвестициите во енергетиката и воената индустрија

Потврдени средби со државници и обид за контакти со Заливот

Премиерот Христијан Мицкоски утре со владина делегација патува во Соединетите Американски Држави. Таму се предвидени средби на високо ниво во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и разговори за привлекување нови инвестиции во енергетиката, напредната технологија и воената индустрија.

Во интервјуто за Дневникот на МТВ, Мицкоски најави дека во Вашингтон ќе има средби и со претставници на американската развојна финансиска институција DFC. Таа веќе е вклучена во земјава преку проектот „Крстодол“, познат и како „Антимон“.

– Има од нивна страна пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети – рече Мицкоски.

Разговорите ќе опфатат и компании од воената индустрија што Владата сака да ги привлече да инвестираат во Македонија. Во таа насока, премиерот го посочи армискиот полигон Криволак.

– Во фаза сме на изработка на нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг-полигон Криволак – рече премиерот.

Тој оцени дека влезот на вакви компании и искористувањето на Криволак би можеле да донесат побрз и подинамичен економски раст.

По средбите во Вашингтон, вклучително и со влијателни тинк-тенк организации, делегацијата ќе продолжи кон Њујорк. Таму Мицкоски ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што има повеќе потврдени средби со државници. Покрај соседството, ќе се обиде да оствари билатерални контакти и со земји од Заливот.

– Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски – рече Мицкоски.

Предвиден е и прием во организација на претседателот на САД. Посебна средба со бугарската делегација засега не е планирана. Мицкоски потврди дека во Њујорк ќе се одржи и состанок на лидерите од Западен Балкан, организиран од делегацијата на ЕУ. Неговото лично учество ќе зависи од нивото – ако е на ниво на шефови на држави и влади ќе присуствува тој, а ако е министерско, ќе оди министерот за надворешни работи.

На прашањето за македонскиот став во однос на бугарските услови за уставни измени и барањето гаранции, премиерот истакна дека позицијата останува непроменета.

– Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок – рече Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

To top