Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Македонската информативна агенција (МИА) во Вашингтон изрази задоволство од односите со САД, кои, според него, ја гледаат Македонија како врвен приоритет во регионот.
„Посетата ја искористивме за средби со различни структури во Вашингтон, со тинк тенкови, финансиски корпорации, за уште еднаш да ја потврдиме нашата определба и исто така да го потврдиме стратешкото партнерство кое го имаме како земја со Соединетите Американски Држави. Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа. Нивната поддршка кон нас останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија. Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија. Така што, кога сето ова би се изанализирало, јас не би дал суд за фокусот и низ која оптика регионот го гледа администрацијата на претседателот Трамп, туку повеќе би се задржал низ која оптика ја гледа Македонија. Мислам дека ја гледа низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во години кои што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои што ќе имаат историско значење“, изјави Мицкоски за МИА.