Хроника

Сузбиена осумчлена криминална група за криумчарење стоки: Одземени над 100.000 евра, лекови, суплементи и цигари

Претреси во Скопје, Тетово и Гевгелија

Полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера спроведе акција против криминална група осомничена за криумчарење и корупција. Шест лица беа лишени од слобода, а на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија беа извршени претреси.

При претресите се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи што биле нелегално внесени во земјава, како и мобилни телефони и други предмети.

Кривична пријава е поднесена против осум лица – М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46) од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, како и Б.А.К. (34) и С.С. (42) од Турција. Тие се товарат за криумчарење, прикривање стоки, избегнување акциза, примање и давање поткуп, пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари.

Според истрагата, во периодот 2024–2026 година првоосомничениот М.С. организирал нелегално внесување и препродажба на цигари и тутун. Преку поткуп на царинскиот службеник З.С. на групата ѝ било овозможено непречено преминување на стоката без плаќање давачки, како и внесување лекови и суплементи наменети за продажба.

Со овие дејствија е нанесена значителна штета на буџетот – избегнати се царински давачки, акциза и ДДВ. Дел од производите, пуштени во промет без одобрение и рецепт, претставувале опасност за здравјето на луѓето.

Акцијата ја спроведоа службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Единицата за брзо распоредување, врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје.

Најнови вести од: Хроника

To top