Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
Заблагодарувајќи се за лично доставената покана за учество на Конференцијата на Обединетите нации за водите, којашто од 8 до 10 декември ќе се одржи во Абу Даби, претседателката ја истакна важноста на одржливото управување со водните ресурси и обезбедувањето пристап до чиста и безбедна вода, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
Амбасадорот ја запозна со актуелната состојба во ОАЕ, напорите за мир и стабилизација во регионот, превземените иницијативи и активности, планови и очекувања.

Претседателката, најпрво изрази длабоко сочувство по повод смртта на шеик Ахмед бин Рашид Ал Мактум, истакнат член на владејачкото семејство на Дубаи.

Во контекст на настаните на Средниот Исток, таа ја поздрави конструктивната и одговорна улога на ОАЕ во обезбедувањето одржлив мир и стабилност.

Соговорниците ги оценија билатералните односи како одлични и засновани врз взаемно почитување и разбирање.

Сепак, обајцата препознаваат потенцијал за нови активности во туризмот, енергетиката, образованието, културата, земјоделството и инфраструктурата.
Во оваа смисла, претседателката укажа на можностите за инвестирање во коридорите 8 и 10, како и во слободните економски зони.
Таа го поздрави воспоставувањето на безвизниот режим и изрази желба за повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје–Дубаи. Исто така, во можното отворање резидентна амбасада на ОАЕ во Скопје гледа институционален чекор што води кон поблиски односи, зголемени бизниси и поблиски граѓани.
Сиљановска-Давкова ја поздрави и оцени како успешна меѓусебната поддршка во меѓународните организации, во духот на мултилатерализмот.
Таа го покани претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан да ја посети земјава.