За првпат пациентите со цистична фиброза во Македонија ја добиваат современата терапија од двегодишна возраст, а опфатени се и лица со различни генетски мутации кои претходно не биле лекувани.
Бројот на пациенти кои ја примаат терапијата пораснал од само три случаи во 2021 година на 126 во 2026 година, истакна министерот за здравство Сашо Клековски.
„Од почетните напори за дијагностицирање и генетска дијагностика пред девет години, до првото воведување на терапијата во 2021 година со три случаи, стигнавме до 126 во 2026 година“, рече Клековски.
Тој посочи дека сега се вклучени сите медицински оправдани случаи од двегодишна возраст нагоре. Претходно терапијата се применувала кај пациенти од 12 години нагоре, со исклучок на критични случаи под оваа возраст. Како значајна новина ја нагласи и можноста за третман на пациенти со различни генетски мутации кои досега не биле опфатени.
Клековски истакна дека напредокот не се однесува само на терапијата, туку и на стручноста во третманот. Посебно ја истакна работата на Клиниката во Козле и Детската клиника, како и твининг-програмата со Берлин и Кембриџ. Според него, Македонија сега има сеопфатна програма за третман на цистична фиброза и е меѓу земјите во регионот со таков пристап.
Министерот им се заблагодари на лекарите кои континуирано работат со пациентите, како и на самите пациенти и нивните родители за упорноста и ангажманот. Тој посочи дека важен дел од напредокот е и охрабрувањето на пациентите јавно да зборуваат за своите проблеми, особено поради стигматизацијата со која сè уште се соочуваат различни групи во општеството.