Македонија

„Н.М“: Европската цел не значи дека секоја понуда од ЕУ е автоматски добра за Македонија, сѐ треба да се одмери колку им одговара на македонските интереси!

ЕУ-интеграцијата не е линеарен пат од кандидат до полноправна членка Повод: Британија ги преиспитува односите со ЕУ, зошто Македонија да не ги преиспита своите? Од царинска унија и единствен пазар до секторско поврзување – европската интеграција има повеќе степени, а македонската политика премногу често ја сведува на формулата „уставни измени или застој“ Британската политика повторно […]

ЕУ-интеграцијата не е линеарен пат од кандидат до полноправна членка

Повод: Британија ги преиспитува односите со ЕУ, зошто Македонија да не ги преиспита своите?
Од царинска унија и единствен пазар до секторско поврзување – европската интеграција има повеќе степени, а македонската политика премногу често ја сведува на формулата „уставни измени или застој“
Британската политика повторно го отвора прашањето за нешто што по брегзит долго време изгледаше речиси незамисливо – дали Велика Британија треба повторно да размислува за своите односи со Европската Унија.
Премиерот Енди Бурнам изјави дека Лондон треба да разгледа повеќе можности за долгорочниот однос со ЕУ, вклучително и сценарио за повторно приклучување. Бурнам на годишната конференција на Лабуристичката партија оцени дека брегзит „направил повеќе штета отколку корист“, а потоа во интервју за Би-би-си порача дека сите опции треба да бидат ставени на маса и да се проценат според тоа што е изводливо и според нивните предности и недостатоци.
Во таа палета тој ги спомена и царинската унија и враќањето на единствениот европски пазар, но и можноста за целосно враќање во Унијата.
Пораката од Лондон, независно од тоа како ќе заврши британската дебата, е интересна и за Македонија. Не затоа што Македонија треба да го копира британскиот модел, туку затоа што британскиот пример покажува дека односот со ЕУ не мора да биде замислен како еднаш избран пат по кој нема враќање назад.

Изборот не е само „да“ или „не“

На референдумот во 2016 година, Британците одлучија да ја напуштат ЕУ. Следуваше долг и сложен процес на раздвојување, политички превирања и преуредување на економските и дипломатските односи со Унијата. Но десет години подоцна, политичката дебата во Британија повторно се враќа на прашањето: каков однос со Европа всушност ѝ одговара на земјата? Токму тука се наоѓа и суштината на британската лекција.
Не станува збор само за прашањето дали брегзит бил добра или лоша одлука. Прашањето станува пошироко: ако еднаш избраниот модел не ги дава очекуваните резултати, дали државата има право повторно да ги разгледа различните можности?
Британскиот премиер го предлага токму тоа, да не се размислува само во категориите „остануваме таму каде што сме“ или „се враќаме во ЕУ“, туку да се разгледаат и различни степени на поврзаност.

Каде е Македонија во целата оваа приказна?

Македонската европска политика, пак, веќе подолго време се движи во мошне тесен коридор.
Или ќе се исполнат условите поставени во пристапниот процес, меѓу кои се и уставните измени, или земјата останува заглавена во место. Но дали навистина мора да биде така?
Ако членството во ЕУ е крајната стратешка цел, тоа не значи дека сите други форми на европска интеграција треба да бидат ставени на пауза додека не се создадат политички услови за членство.
Постојат различни степени на поврзаност со европскиот економски и институционален простор. Царинска унија, пристап до единствениот пазар, секторско поврзување, учество во европски програми, инфраструктурни и финансиски механизми, постепено усогласување на законодавството, сите тие се различни форми на приближување кон европскиот простор.
Од една страна, тие не се замена за членството, но од друга страна можат да бидат начин земјата да не стои во место додека трае политичкиот спор.
Токму затоа прашањето што се наметнува е зошто европската интеграција на Македонија мора да се замислува само како линеарен пат од кандидат до полноправна членка?

Европеизација и без членство?

Клучната дилема што се наметнува е ако пристапните преговори се блокирани, дали тоа значи дека треба да биде блокирана и секоја друга форма на европеизација? Одговорот е дека не мора.
Имено, Македонија може да бара поголемо поврзување со европскиот пазар, да ги користи европските фондови и програми каде што има пристап, да го усогласува законодавството таму каде што тоа е во нејзин интерес, да бара поголемо учество во европските економски и инфраструктурни механизми и да гради посилни партнерства со земјите членки.
Во нашата ситуација, повторно прашањето не е дали Македонија треба да биде поблиску до ЕУ, туку под кои услови и преку кои механизми треба да ја оствари својата цел.
Дополнително, она за што треба да поразмисли секоја политичка елита е дали европската интеграција треба да биде процес во кој Македонија само ги прифаќа условите што доаѓаат од Брисел или процес во кој и самата земја ги дефинира своите интереси и границите до кои е подготвена да оди?

Што прифаќаме, а што добиваме?

Британското искуство е важно и поради уште една причина. Големите стратешки одлуки не завршуваат со моментот кога ќе бидат изгласани или потпишани. Тие произведуваат последици што понекогаш се гледаат дури години подоцна, па затоа се појавува интенцијата на секоја земја што поради лоши одлуки се нашла во ќор-сокак да бара начини како да ги исправи погрешните потези.
Затоа и македонската европска политика би требало да поставува многу поконкретни прашања. Што прифаќаме? Што добиваме? Кои правила ги прифаќаме и кој ги носи тие правила? Каде Македонија има право на одлучување, а каде само ги применува одлуките донесени од други? Колкава е економската цена? Колкав е политичкиот трошок? Што е привремена обврска, а што станува трајна? И, можеби најважно, што се случува ако другата страна не го исполни својот дел од договорот?
Овие прашања се особено важни ако се има предвид искуството од процесот што следуваше по францускиот предлог, но и по промената на името.
Одлуката од 2022 година може да се анализира не само низ прашањето дали Македонија требало или не требало да прифати компромис туку и низ многу попрактичното прашање: што точно презеде секоја страна, што стана дел од европската рамка, а што остана предмет на билатерално толкување?

Европската цел не значи автоматски прифаќање

Тука можеби се наоѓа и најважната поука. Европската интеграција може да биде стратешка цел, но токму затоа секоја одлука поврзана со неа треба да биде внимателно измерена. Стратешката определба не значи дека секоја понуда што доаѓа под европскиот знак автоматски е добра за Македонија. Напротив, колку што е поважна целта, толку поважно е да се знае под кои услови се стигнува до неа.
Британската дебата не е само дебата за тоа дали брегзит бил грешка. Таа е дебата за тоа кој модел на однос со ЕУ најмногу одговара на британските интереси.
За Македонија аналогното прашање би можело да гласи кој модел на европска интеграција најмногу им одговара на македонските интереси? Тоа е значително пошироко прашање од дилемата „за или против ЕУ“.
Ако членството во одреден момент е блокирано поради политички услови, тоа не мора автоматски да значи и блокада на европеизацијата на економијата, институциите и општеството.
Македонија може да продолжи да се поврзува со европскиот економски простор, да бара пристап до европски механизми и да ги применува европските стандарди таму каде што тоа е во нејзин интерес. Но, истовремено, треба да знае што презема на себе. Тоа е можеби најважната лекција од британскиот пример.
Брегзит покажа дека една голема стратешка одлука може повторно да биде предмет на преиспитување. Новата британска дебата покажува дека дури и по напуштањето на Унијата може повторно да се разговара за царинска унија, единствен пазар или за враќање во ЕУ.
За Македонија тоа не треба да биде повик за откажување од членството, туку треба да биде повик за пошироко размислување. Ако конечната цел е членството, тогаш прашањето е како до него да се стигне со јасно дефиниран национален интерес, со внимателно измерени обврски и со што поголема економска и институционална корист за граѓаните.
На крајот, не е прашање дали Македонија ќе биде во Европа, туку колкава цена ќе треба да плати, под кои услови и со колкаво право да одлучува за сопствената иднина.

Најнови вести од: Македонија

Стопанската комора добитник на меѓународна награда за општествена одржливост

Иницијативата на Стопанската комора на Македонија за унапредување на декарбонизацијата и корпоративната одржливост е меѓу трите највисоко оценети иницијативи од целиот свет на ISAR Honours 2026, признание на Меѓувладината работна група на експерти за меѓународни стандарди (ISAR) при УНКТАД – UN Trade and Development.

По совет на Лаен Мицкоски побарал од Муцунски официјално да закаже средба со неговата бугарска колешка следната седмица во Софија

Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, одговарајќи на новинарско прашање како таа го прифатила неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите на Македонија со Бугарија, рече дека го советувала како прв чекор да се побара официјална билатерална средба за време на посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Софија следната седмица.

Пропагандниот циркус „Враќање на моштите на бугарскиот цар Самуил“ на Радев, Каракачанов, Јотова – пренасочување на вниманието на јавноста (1)

На 23 дена до одржувањето на изборите за нов претседател на Бугарија бугарските политичари, предводени од сѐ помалку популарниот премиер Румен Радев, организираат пропаганден циркус „Враќање на коските на бугарскиот владетел Самоил во татковината“. Во бугарската јавност и меѓу тамошни експерти наидува и на тешка иронија, остри критики и коментари дека е „уште една бугарска трагикомедија“, „операција заради одвлекување на вниманието на гневната јавност и населението од економските неуспеси на владата и Радев лично“, но и како „предизборна пропаганда“ и „претстава за јавноста“ во екот на предизборната кампања спроти изборите за нов шеф на бугарската држава, закажани за 25 октомври 2026 година. Во бугарската јавност и на тамошните општествени мрежи веќе кружат негативни и зајадливи коментари во стилот „бугарскиот народ гладува и нема пари за леб и да плаќа сметки, а власта прави циркуси со коски“, „народот сака да купи месо без коски, а тие нам ни нудат коски, кои се за во музеј“ и „покрај коските, кога ќе му го земете и духот на Самоил, кога ќе го донесете и него во Бугарија“?!

Министерот Велковски го отвори новиот Центар за лица со попреченост во Кочани

Новиот Центар за лица со интелектуална и комбинирана попреченост е сместен во Комплексот „АСНОМ“ во простории кои претходно беа руинирани и напуштени. Општината комплетно ги реновираше

Најнови вести

To top