Спорт

Елмас асистент за Аталанта, но и исклучен против Венеција

Третиот црвен картон во кариерата македонскиот репрезентативец го доби за груб старт во победата од 3:1 во Серија А

Елиф Елмас не го доигра натпреварот против Венеција, во кој придонесе со асистенција за победата на Аталанта од 3:1 во Серија А, бидејќи во претпоследната минута доби директен црвен картон.

Судијата Тремолада прво му покажа жолт картон на македонскиот репрезентативец, но по сугестија од ВАР ја смени одлуката и го испрати во соблекувалната за грубиот старт одзади врз Торир Хелгасон.

Ова е трето исклучување на Елмас во кариерата, прво на првенствен меч, откако по еднаш „поцрвене“ во дресот на Македонија против Ерменија на гости во Лигата на нациите 2018 и како играч на Фенербахче против Умраниеспор во Купот на Турција 2019.

Поради црвениот картон, „македонскиот дијамант“ нема право да игра во следното коло против Милан.

Играчот за врска во 6. минута му асистираше на двојниот стрелец Никола Крстовиќ за водство на домаќинот од 2:0 во тој момент.

 

Најнови вести од: Спорт

To top