Илија Андовски кој е привремениот администратор на Алта банка, назначен од НБРСМ, им ги издал лиценците на акционерите и членовите на Управниот и Надзорниот одбор, откако претходно била дадена дозволата за работа на банката, дознава порталот „Трилинг“. Илија Андовски е долгогодишен кадар на Народната банка и банкарски експерт. Според податоци за вработените во Народната банка од мај 2025 година, тој бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.
Народната банка веќе назначи тројца администратори назначени од Народната банка го преземаат управувањето со Алта банка АД Битола во наредните три месеци, поради околности што можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност. Со решението од 1 ноември, за администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, кои ги преземаат надлежностите на управните тела и Собранието на акционери, со исклучок на одлуките за зголемување на капиталот.
Тројцата експерти од Народна банка ќе имаат рок од 21 ден да ја утврдат финансиската состојба на банката и да достават извештај до Народната банка. Во периодот на нивното управување со Алта банка, воведени се ограничувања за располагање со средствата.
Во меѓу време, Народната банка ги известува граѓаните кои имаат платежни сметки во АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички, дека од четврток, 5 ноември 2026 година, ќе започне подигањето средства од шалтерите во главната филијала на банката во Битола. За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку платежни сметки во банката, но немаат платежни картички.
Граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели. Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти. Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање.
За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини. Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, при што нема да се вршат други видови трансакции. Се работи на подготовка за отворање на шалтерите за пензионери и приматели на социјална помош и во други градови во земјата, за што Народната банка наскоро ќе извести.