Македонија забележа значителен напредок во областа на дигиталната трансформација, покажува најновиот извештај на Европската комисија за 2026 година. За првпат состојбата во оваа сфера е оценета како „добра“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека подобрувањето се однесува на поглавјето 10, кое ги опфаќа дигиталната трансформација и медиумите.
Според оценките од Брисел, во периодот 2021–2024 година земјата бележела ограничен напредок, додека во 2025 година биле забележани првите позитивни поместувања. Во најновиот извештај за 2026 година напредокот е оценет како добар.
За повисоката оценка придонеле проширувањето на електронските услуги, како и двојното зголемување на нивното користење од граѓаните. Напредок е забележан и во меѓуинституционалната размена на информации, како и во зајакнувањето на заштитата од сајберзакани.
Андоновски ги посочи и усвоените закони и стратегии усогласени со европските стандарди, кои треба да послужат како основа за натамошен развој на дигиталните процеси.
„Целта на дигиталната трансформација е граѓаните и компаниите реално да ги почувствуваат придобивките – помалку чекање, помалку документација и побрзо добивање услуги“, истакна министерот.
Тој оцени дека извештајот на Европската комисија е потврда за постигнатото досега, но и поттик за продолжување на реформите. Во наредниот период предизвик ќе биде резултатите да се преточат во уште подостапни, побрзи и поефикасни услуги за граѓаните и деловниот сектор.