Бизнис

(Фото): Силни пораки од конференцијата на Македонската берза

Во Македонија има капитал подготвен да влезе во хартии од вредност. Ако нема добри домашни инвестициски прилики – логично е тој капитал целосно да оди во странство, истакна главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, говорејќи на јубилејната 25. Годишна конференција што се одржува во Охрид.

Проширувањето на понудата на пазарот на капитал со нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници е еден од главните предизвици за Македонската берза, истакна главниот извршен директор на Македонската берза Иван Штериев, на 25. јубилејна Годишна конференција на Берзата што се одржува во Охрид по повод 30 години од нејзиното основање. Тој посочи дека вкупниот промет на Македонската берза заклучно со 15 септември изнесува околу 89,8 милиони евра, што е околу осум отсто помалку од истиот период лани. Класичното тргување е намалено за 27 отсто, додека блок-трансакциите се зголемени за околу 159 отсто. МБИ10 на 15 септември изнесувал 9.151 поен, што е за 8,9 отсто помалку во однос на крајот на 2025 година.

  • На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат, рече Штериев.

Тој оцени дека состојбите на домашниот пазар не можат едноставно да се објаснат со општиот берзански сентимент, бидејќи главни ограничувања остануваат тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори, додека домашните инвеститори имаат сè поширок избор на странските берзи. Како една од конкретните активности за проширување на понудата го посочи проектот со ЕБОР за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање.

  • За десет места се пријавени повеќе од 20 компании. Финалната селекција ќе се направи набрзо. Останува да се надеваме дека од оваа прва група компании ќе произлезе некоја што ќе каже: подготвени сме да ја отвориме и вратата на пазарот на капиталот, истакна Штериев.

Тој најави и конкретни придобивки од регионалниот проект Junctus, во кој Македонската берза учествува со уште седум берзи од Централна и Југоисточна Европа.

  • Прв конкретен резултат што го очекуваме од „Junctus проектот“ е регионален ЕТФ, со вклучување на неколку акции од нашиот пазар и со последователна котација на овој ЕТФ и на Македонската берза, рече Штериев, додавајќи дека планот за негово лансирање е во втората половина на 2027 година.

Тој се осврна и на зголеменото вложување на домашните инвеститори во странски хартии од вредност, посочувајќи дека минатата година прометот во странство, преку домашните членки, надминал 110 милиони евра, а во првите шест месеци годинава надминал 89 милиони евра.

  • Затоа е време и кај нас сериозно да разговараме за воведување на т.н. македонски инвестициски сметки, рече Штериев, оценувајќи дека со ваков модел би можело да се поттикне долгорочното вложување и поголемото учество на граѓаните на пазарот на капитал.

Тој ја нагласи и потребата од започнување на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила, како и тесна координација со Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

  • Главниот предизвик е да работиме на тоа интензивно, да ја прошириме понудата, да има нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници, истакна Штериев.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази, во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека довербата во пазарот и неговите учесници е највредниот капитал за кој сите субјекти треба активно да придонесуваат, особено во услови кога државата се наоѓа во период во кој новите европски регулативи директно ја обликуваат домашната економија. Таа посочи дека еден од клучните предизвици е активирањето на пасивниот домашен капитал.

  • Како регулатор ја нагласуваме потребата од будење на овие пасивни милијарди денари. Граѓаните и компаниите располагаат со значителни заштеди и наша задача е да создадеме услови дел од тој капитал да препознае дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал, рече Абази.

Според неа, пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово дополнување, особено за финансирање поризични и иновативни проекти. Таа нагласи и дека усогласувањето со европските стандарди не смее да значи слепо наметнување административен товар.

Најнови вести од: Бизнис

Мал пазар, голема можност: Мукаетов на 25. Конференција на Македонската берза

Од развојот на „Алкалоид“ и улогата на пазарот на капитал до можностите што ги отвораат интернационализацијата, иновациите и новите технологии – ова беа дел од темите на специјалниот разговор со Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, на 25. Конференција на Македонската берза.

To top