Бизнис

Храната „ja изеде“ работничката плата, секој месец е сè поскапо – има ли крај на тоа?!

Поскапа за 921 денар е првата годинешна минимална синдикална кошница. Најосновните јануарски потреби на четиричлено семејство чинеле 66.413 денари. Трошоците за храна и пијалаци, кои зафаќаат 36,6 проценти од месечните давачки, достигнале 24.211 денари. Од декемвриските се повисоки за 571 денар. И безмалку сосема се поклопуваат со минималната плата од 24.397 денари.

Минималните месечни трошоци на четиричлено семејство во јануари изнесувале 66.413 денари и се зголемени за 921 денар во споредба со декември, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија. Доколку четиричленото семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималните трошоци изнесуваат 81.788 денари. Од вкупните месечни минимални трошоци, 24.211 биле потребни за храна и за пијалаци, а за намирување на минималните режиски трошоци – 6.338 денари.

Поради зголемените трошоци за живот, ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати, за што во следниот период најавува протести. Оттаму велат дека во услови на зголемени цени на храната, енергенсите и на услугите, минималната плата често се троши пред да заврши месецот.

  • Цените предвреме ги изедоа платите. Да нема инфлација, минималната плата нека биде и 15.000 денари. Нашето барање за 600 евра минималец е издржано кога споредуваме колку скокнаа цените во маркетите. Двајца дома треба да обезбедат најмалку 65.000 денари месечно само за основните трошоци – велат од ССМ.

Инфлацијата во Северна Македонија официјално порасна за 4,1 отсто на годишно ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари, само во текот на 2025 година, во просек, е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто. Минималната плата се усогласува секоја година во март, со 50 од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот за претходната година.

Минималната плата во Македонија е 24.379 денари (397 евра), а, според податоците, околу 40 илјади работници во државата се на минималец.

Во март 2026 година, според пресметките, порастот на минималната плата би требало да биде во границите од 6,5 до 7 отсто во однос на 2025 година, односно тоа би значело зголемување од 1.500 до 2.000 денари.

Инаку, во регионот, само Косово има пониска минимална плата од Македонија. Минималецот во Косово е 384 евра. Минималната плата во Србија е од 505 до 580 евра, во зависност од бројот на одработени работни часови во месецот. Во Албанија е 440 евра, а во Босна и Херцеговина 525 евра. Највисока е минималната плата во Црна Гора и изнесуваа 600 евра месечно.

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

To top