Бизнис

Какви мерки предлагаат експертите во однос на енергетска криза?!

Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно, со оглед на тоа дека кризата на Блиски Исток има трипати поголем потенцијал од онаа која произлезе од војната во Украина – оценка на економските експерти. Советуваат подобра координација на фискалната и монетарната политика, зголемување на каматната стапка при заострување на состојбата, поддршка на ранливите категории граѓани и на бизнисот за одржување на ликвидноста.

Кризата со нафта може да ја погоди Македонија со нов инфлаторен бран. Експертите предлагаат помош за најранливите категории, да се намали товарот од акцизи, антимонополска контрола и инспекциски надзор. Македонија ќе биде ранлива ако продолжи кризата и потрае војната во Заливот. Во претходната енергетска криза земјата ја имаше највисоката стапка на инфлација во регионот, а поради големата увозна зависност ризикот од нови ценовни шокови е значително висок.

Поради кризата на Блискиот исток, која трае веќе неколку недели, се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи речиси една третина од глобалната трговија со ѓубрива поминува преку Персискиот Залив. Економските експерти предлагаат Владата да обезбеди дополнителна поддршка за ранливите категории граѓани, да го намали товарот од акцизи и да ја засили антимонополската контрола и инспекцискиот надзор.

На тркалезната маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси“, експертите оценија дека нов инфлаторен бран е неизбежен. Иако не се очекува нагло зголемување, инфлацијата ќе продолжи со ползечка динамика. Неизвесноста ја отежнува и проценката за економскиот раст.

Академик Таки Фити смета дека намалувањето на акцизата би имало директен ефект врз цената на нафтените деривати. Според него, потребно е да се засили антимонополската контрола, бидејќи дел од компаниите под изговор на глобалниот раст на цените ги зголемуваат сопствените производни цени.

Фити вели дека, ако кризата продолжи, ќе бидат неопходни ребаланс на буџетот, штедење и максимално намалување на непродуктивните трошоци. Тој оцени дека цената на нафтата нема брзо да опаѓа, а за уништената инфраструктура за нафта и гас во Катар и Иран ќе бидат потребни месеци за обновување.

Професорот Ванчо Узунов смета дека мерките на Владата се задоцнети и недоволни, особено во услови кога цената на дизелот веќе предизвика раст на трошоците во повеќето сектори.

„Најранливите категории се веќе осиромашени, а дел од граѓаните кои не биле под линијата на сиромаштија наскоро може да се најдат таму“, предупреди Узунов. Тој бара селективни мерки и јасен план, а не, како што рече, пораки „не се секирајте, следиме“. Според него, инфлацијата во земјата стана хронична и државата не презема доволно за да го сопре трендот.

Професорот Борче Треновски предупредува дека секоја антикризна мерка има финансиски товар: „Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или граѓаните со намалување на нивниот стандард“, вели тој. Според професорот, најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел и секој да понесе дел од ризикот во кој се наоѓаме. Тој повикува на внимателно користење на јавните средства и ефикасна држава и пазар. Неизвесноста околу цените на енергенсите, каматните стапки и европскиот раст ја отежнуваат секоја економска проекција.

Најнови вести од: Бизнис

Народната банка ги одбележува Светскиот ден на штедењето и Деновите на финансиската писменост

Народната банка веќе четиринаесетта година го одбележува Светскиот ден на штедењето. Деновите на финансиската писменост се одржуваат по десетти пат и се во организација на финансиските регулаторни институции  ̶  Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за надзор на пазарот на капитал, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

Можно ли е во Македонија да се работи четири дена во неделата?!

Просечната потрошувачка кошница во септември изнесувала 58.117 денари, што е за 358 денари или 0,6 проценти помалку во однос на август, но за 1.736 денари, односно 3,1 процент повеќе во споредба со јануари годинава. Ова беше истакнато на седницата на Економско-социјалниот совет, на која социјалните партнери дискутираа и за неработните денови, работата во недела, можноста за воведување четиридневна работна недела и регулирањето на пензискиот стаж.

Алармантна е состојбата со безбедносниот систем во ПИОМ – Андоновски рече дека експерти работат на негова заштита

Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци.

To top